Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека се согласува со мислењата на амбасадорите на САД и на Холандија, Анџела Агелер и Дирк Јан Коп во коментар во врска со случувањата во Судскиот совет по последните одлуки на Управниот суд.

-Во однос на Судскиот совет ги делам размислувањата на американскиот амбасадор и холандскиот амбасадор, кажа на новинарско прашање Ковачевски за последните случувања во Судскиот совет по презентацијата во ТИРЗ на првата странска инвестиција за 2024 година.

Управен суд, пресуди дека Судскиот совет не дал никакви образложени причини поради кои ја разрешил од функција поранешната претседателка Весна Дамева, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на Одлуката за нејзиното разрешување.

Во пресудата која се однесува на поништувањето на одлуката за разрешување на Дамева, која Управниот суд денеска ја објави анонимизирано, се вели дека оценувајќи ја законитоста на оспорената Одлука, Судот нашол дека истата е незаконита поради повреда на правилата на постапката, односно од причина што оспорената Одлуката, како што наведуваат „содржи такви суштествени недостатоци што ја спречуваат оцената на законитоста на актот“. Од овој суд, дополнуваат, меѓу другото, дека при повторното постапување, Судскиот совет треба да ги има предвид укажувањата дадени од Судот, па по спроведена законита постапка, во рамките на своите надлежности, со повикување на конкретни законски одредби да донесе образложена и законита Одлука.

Поранешната претседателка на Судски совет беше разрешена изминатата пролет, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд.

Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе реакции во јавноста. Двајца амбасадори Агелер и Јан Коп  упатија сериозни критики, до Судскиот совет.

Амбасадорката Агелер изрази разочараност во работата на судското тело, а холандскиот амбасадор Јан Коп укажа дека судското тело е нелегитимно. Беше испратена и Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Советот

Судскиот совет во моментов, веќе три часа е на работен состанок на кој, како што беше најавено, ќе ја разгледа пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на поранешната претседателка на Советот. По пресудата, како што информираа од Судскиот совет, треба да се постапи во рок од 30 дена и нема право на жалба



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.