Премиерот Ковачевски би седнал на разговор со опозицискиот лидер Мицкоски за важни актуелни теми, но и денеска повтори дека за него е неприфатливо единствена точка во дијалогот да биде одредување датум за предвремени парламентарни избори.

Тој упати повик до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се откажат од блокирање на Собранието и рече дека ако опозицијата ги закочи законите, значи ќе направи штета само на граѓаните, а не на Владата.

На слична линија е коалицискиот партнер на Ковачевски, Али Ахмети. И тој смета дека треба да има дијалог со опозицијата за важните теми, како што е проблемот со Бугарија, но не со уцени и блокади.

Блокадите не се категорија за унапредување на демократијата. Мислам дека самите средби немаат ништо лошо во себе. Но, не со условувања, не со уцени, сепак за важни теми кои имаат за цел унапредување на домашната политика, може да има вакви средби. Добро е да има консултации за тоа како да напредуваат преговорите со Бугарија и секако дека нам ни треба етнички и политички консензус. – Али Ахмети – претседател на ДУИ.

Услови за организирање на лидерска средба, во моментов не гледа ниту претседателот Стево Пендаровски.. Тој синоќа кажа дека се обидел да ги организира Ковачевски и Мицкоски заедно да гледаат натпревар на македонската репрезентација, но и тој пропаднал, што за него е показател дека големиот јаз меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ само се продлабочува, и тешко дека ќе најдат заеднички јазик за важни прашања.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.