Премиерот Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на пратеничко прашање изјави дека од идната година на глобално ниво може да се очекува 50 проценти недостиг на храна, што секако ќе се одрази и на цените.

Идната година проблемот нема да биде цената на храната и логистиката за транспорт на храна, туку недостигот на храна. Гледајќи го движењето на ова што се случува на воено поле, гледајќи го недостигот на гас, а гасот е основен елемент за производство на вештачки ѓубрива, можно е недостиг на вештачки ѓубрива, а може да се очекува од идната година и 50 отсто недостиг на храна. И може да претпоставите што тоа ќе значи за Африка, делови од Азија и кај нас. Кај нас ќе има храна, но нејзината цена ќе биде енормно висока – рече Ковачевски одговарајќи на прашање од пратеничката Даниела Николова од СДСМ.

Ковачевски образложи што презема Владата со цел да се зголеми производството на храна во државата.

Прво веќе донесовме одлука за доделување државно земјиште заради зголемено производство на пченка, пченица, јачмен, значи стратешки култури. Мене ми е драго што имаше голем интерес на таа аукција каде наши граѓани изразија желба и го земаа земјиштето и почнаа со производство. Второ инвестиравме во зголемени субвенции преку интервентниот фонд кој е 900 милиони денари во однос на производство на стратешки земјоделски производи, веќе производството на сончоглед е дуплирано и така ќе продолжиме. Акцент ќе се стави на испорачување на земјоделски производи во домашни преработувачки капацитети. Сакаме кога ќе се инвестираат субвенции да имаме на крај зголемено производство на финална храна во државата и тоа е процес кој ќе се води во наредниот период, но со нов систем на субвенции од кој најзадоволни ќе бидат вистинските земјоделци – рече меѓудругото Ковачевски.

Додаде оти особено внимание било посветено и на лозаропроизводителите и на винариите. Наследивме во 2017 година, рече тој, еден огромен износ на неисплатени субвенции, а оваа година, како најкризна сите заостанати субвенции ќе бидат исплатени.

Не може никој да каже дека цените на храната идната година ќе бидат пониски. Тоа тој што ќе го каже го кажува или од незнаење или го кажува за да може да манипулира. Со недостиг на вештачки ѓубрива, со 100 проценти зголемена цена на достапните вештачки ѓубрива, ако најдете, приносите ќе бидат помали цената ќе биде повисока. Основно е да произведеме ние она што е најнеопходно во државата и кое можеме самите да го направиме, заклучи Ковачевски, додавајќи оти цените растат бидејќи има недостиг на храна во Европа, зголемени цени на енергенси, транспорт итн.

Седницата за поставување пратенички прашања ќе продолжи по паузата, во 15 часот и 15 минути.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.