Соработката и комуникацијата со Бугарија е унапредена, особено по доаѓањето на двете нови влади и воспоставувањето нов начин на комуникација. Кога ќе има документ прифатлив за двете страни, ќе биде споделен со институциите и јавноста, а во моментот кога ќе се надминат разликите со Бугарија, ЕУ веднаш без одложување да ги започне преговорите, е ставот на власта во однос на напредокот на разговорите со Софија.

Одлуката за почеток на преговори со Македонија за време на француското претседателство со ЕУ ќе биде правилен и правичен потег, е став на поголемиот дел на шефови на дипломатиите на ЕУ кои вчера во Брисел заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи, го разгледаа европското досие на земјава. Недвосмислена поддршка преговорите за членство со ЕУ да започнат веднаш вчера дојде и од европратениците.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера потенцира дека постојат поединци кои сакаат односите со Софија да ги направат полоши, но македонската и бугарската влада се против тоа и сметаат дека треба да се соработува на сите полиња и во секоја сфера.

– Со Бугарија отворивме нов процес на разговори, нов начин на комуникација кој треба да ја зголеми довербата не само меѓу министрите, туку и меѓу општествата во целина. Се формираа работни групи кои  веќе покажуваат резултати, се одржаа и научни конференции меѓу универзитетите, стопанските комори се среќаваат, а се згоемија и транспортните квоти. Соработката е унапредена во однос на периодот претходно. Односите се унапредени, официјалното ниво на комуникација е унапредено и е на ниво на европските вредности. Секогаш постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но ние и бугарската Влада сме против тоа. Треба да соработуваме на сите полиња, истакна премиерот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.