Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Братислава, оствари средба со специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак. Ковачевски во Братислава учествува на Глобалниот безбедносен форум на ГЛОБСЕК 2023.

На средбата, премиерот Ковачевски ја потенцираше заложбата на Владата, Македонија како и досега да придонесува за унапредување на регионот како и за неговата мир и стабилност. Премиерот потенцираше дека нашата држава има цврста определба за зајакнување и унапредување на добрососедските односи и преку дијалог и соработка меѓу државите се етаблираше како држава фактор на стабилност во регионот.

Ковачевски ја истакна максималната посветеност на Владата на реформскиот процес во земјава како и на процесот на пристапни преговори за членство на Македонија во ЕУ. Двајцата соговорници истакнаа дека во државата е потребен политички дијалог и сите општествени, политички, невладини, граѓански чинители во државата потребно е да постигнат консензус како не би се кочел процесот за членство на Македонија во ЕУ.

На средбата од страна на премиерот Ковачевски беше нагласено дека брзото членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ би спречило чувствителните точки во регионот да ја нарушат безбедноста и стабилноста, а со тоа и да го закочат економскиот развој на регионот.

Ковачевски и Лајчак повикаа на итна деескалација на состојбата во Косово и враќање на мирот и стабилноста. Премиерот Ковачевски повтори дека Македонија го поддржува продолжувањето на соработката и координацијата со НАТО и ЕУ во регионот во насока на консолидирање на стабилноста и забрзување на евроатлантската интеграција на Западен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.