Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, утре и задутре ќе престојуваат во работна посета на Брисел.

Во четврток, премиерот Ковачевски, заедно со министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска ќе имаат средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

После средбата следува заедничка прес-конференција на премиерот Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

Работната посета на Брисел потоа продолжува со низа средби во институциите на ЕУ.

Претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски ќе се сретне со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, по што работниот дел од првиот ден од посетата на Брисел ќе заврши со претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Метсола, на која покрај премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и заменик-претседателот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Во петок, премиерот Ковачевски ќе има средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, на која ќе присуствуваат и заменик-претседателот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

На маргините на дводневната работна посета на Брисел, претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски ќе оствари и повеќе други средби со претставници на различни институции на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.