Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе имаме редовни избори, а нивниот датум ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието.
-Што се однесува до самите избори, мислам дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ прави замена на тези, бидејќи тој зборуваше дека ќе има предвремени избори, а јас зборував дека ќе има редовни избори. И на крајот ќе имаме редовни избори. Тоа значи дека она што јас сум го зборувал останало како така од првиот ден од кога разговаравме за изборите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ две години зборуваше на секои три месеци дека само што не се случиле предвремени избори коишто де факто и де јуре не се случија. Во однос на самиот датум, тој ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието, како и секогаш до сега како што бил договорен, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на отворањето на новиот објект за форензички испитувања на Министерството за внатрешни работи.
Премиерот нагласи дека кога ќе се дојде до заедничко прифатливо решение за сите, тогаш ќе може и да почнат роковите и организацијата на изборите.
-Тој процес нормално ќе биде во текот на наредните недели и месеци отворен и кога ќе се дојде до заедничко прифатливо решение за сите, тогаш ќе може и да почнат роковите, организацијата на изборите, бидејќи ние сигурно дека ќе имаме избори со оглед на законските и уставните обврски и мандатот на сите избрани функционери во Собранието и претседателот на државата, рече Ковачевски.
Во однос на тоа кој треба да ги иницира работните групи во Собранието за евентуално да се договори датум за избори, премиерот кажа дека секогаш овие дискусии биле водени во рамки на законодавниот дом каде што се застапени сите парламентарни партии.
-Ако ги иницира Владата работните групи, тогаш тие треба да бидат во Влада, а тоа значи дека опозицисите партии не може да бидат опфатени. И затоа секогаш овие дискусии биле водени во рамки на Собранието каде што се застапени сите парламентарни партии, без разлика на тоа дали се дали од власта или дел од опозицијата, посочи Ковачевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.