Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5, истакна дека сите политички чинители во државата треба да бидат посветени на процесот за уставните измени, бидејќи носењето таква одлука значи подобра иднина за граѓаните, а за тоа, поттик, доверба и поддршка има од сите земји членки на Европската Унија вклучително и телата на ЕУ, тоа се Европската Комисија, Европскиот Совет и Европскиот Парламент.
„Она што во моментов ни треба е продолжување на дијалогот на ниво на работни групи коишто ќе треба да ги договорат деталите на процесот како ќе се одвива во иднина. Бидејќи ако опозицијата ги кажа своите ставови, а тоа е дека нема проблем со вметнувањето на други делови од народи, вклучително и бугарскиот во нашата Преамбула, тоа го кажаа јавно. Со тоа дека се согласни да влезат во Владата, дека се согласни таа Влада да ги заврши уставните измени, да ги отвори поглавјата, да го заврши скринингот и т.н., и потоа да се оди на избори, прво со техничка Влада, согласно со закон и дека Парламентот може да носи таква одлука, тогаш не гледам пречка зошто не би продолжила работата во работните групи“, истакна премиерот Ковачевски во интервјуто за Канал 5.
Премиерот Ковачевски додаде дека уставните измени се регулирани согласно законската процедура, тие во моментов се наоѓаат во работните тела на Владата. Штом ќе биде завршено нивното финализирање и формализирање од технички аспект и содржински ќе бидат доставени до Парламентот каде што ќе отпочне процедурата.
„Лидерската средба беше свикана од моја страна навистина со добра волја и со цел да изнајдеме заеднички јазик, обединето да ја донесеме оваа одлука. Бидејќи и за ВМРО – ДПМНЕ не е лесно, како голема партија во државата, опозициска партија, да не поддржи ниту една одлука стратешка за државата, ниту членството во НАТО, ниту преговарачката рамка, ниту договорот со Фронтекс, каде што за прв пат го имаме македонскиот јазик без никакви додавки, фусноти и појаснувања, на договор со сите други јазици членки на ЕУ, одобрен од сите земји членки на ЕУ, вклучително Бугарија и Грција.
Сметам дека подавањето на рака за едно такво обединување е вистинскиот чекор. Се надевам дека и во ВМРО – ДПМНЕ, оние коишто се за европски интеграции на државата, за продолжување на европскиот пат, ќе успеат да го кажат својот глас, да го искажат своето мислење, и одлуките на партијата ќе бидат во насока. Заедно ќе ги донесеме одлуките кои значат подобра иднина за државата мерена низ сите параметри ако се спореди со земјите коишто не биле членки на ЕУ, а денес се членки на ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски нагласи дека наместо трошење време на нови дуели и лидерски средби, надвор од политичките процеси, на граѓаните и државата им е потребна обединетост, како земјата би продолжила по европскиот пат.
„Тој европски пат не е пат сам за себе, ниту пак одлуката е одлука сама за себе, тоа е еден од чекорите за остварување на втората цел на државата, после членството во НАТО, зачленување во ЕУ. А бенефитите се за граѓаните пред сè, поголеми плати, поголеми пензии, повеќе работни места, повисок животен стандард. И кога зборуваме за иселувањето од државата, нашите граѓани се иселуваат во земји членки на ЕУ, тие не се иселуваат во земји кои не се членки на ЕУ. Нашите граѓани се иселуваат или во ЕУ или во САД или во Австралија, доминантно во ЕУ. Зошто? Бидејќи стандардот е поголем, нашите граѓани порано не се иселувале во Словачка и Чешка, за поголеми плати, зошто? Бидејќи пред да влезат во ЕУ тие имале понизок стандард од нашиот. Со влегувањето во ЕУ нивниот стандард е зголемен. Погледнете и претседателката на Словенија тоа многу убаво го опиша, дека БДП на Словенија е зголемен за скоро троцифрен број на % поени од моментот кога влегуваат во ЕУ. Тоа се јасни бенефити, тоа им е потребно на граѓаните“, рече претседателот на Владата, Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.