Максим Димитриевски и неговата партија ЗНАМ имаат респектабилен резултат и тоа се традиционални гласови на СДСМ, вели лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

На прашањето – дали СДСМ згреши во начинот на кој се постави кон Максим Димитриевски, Ковачевски топката ја префрла на претходното раководство.

Ковачевски: Тоа е прашање за некој друг, бидејќи неговиот конфликт доаѓа пред јас да станам претседател на СДСМ.

360°: Зошто кога дојдовте за лидер не се обидовте да го решавате?

Ковачевски: Максим Димитиревски имаше формирано свое движење. Ние сме од ист град, пријатели сме, се знаат нашите родители, па и дедовци. Членови на таа партија се наши поранешни членови, дури има и роднини од кои едниот е во СДСМ, а другиот во ЗНАМ. Меѓутоа, тоа се гласови на незадоволни од политиките на СДСМ, пред сè внатрешно, веројатно дел од кадровската политика, дел од однесувањето на некои наши другари визави тие кои го искажааа својот револт и гласаа за ЗНАМ. Практично, тие гласаа против своите“, вели Ковачевски.

Прашан зошто, според СДСМ, секој глас за Димитриевски и ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски одговара:

„Секој глас што го намалува потенцијалот на СДСМ ја зголемува разликата со ВМРО-ДПМНЕ и кога ќе се погледнат гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, имаат 360 илјади, а на левиот дел од спектарот се над 250 илјади гласови. И затоа, велам, секое раситнување на десница или левица, практично, работи за другата страна. Имавме таков случај во 2006 година кога се формираше НСДП, тие освоија 60-70 илјади гласови, тоа го намали потенцијалот на СДСМ, па со 300 и нешто илјади гласови во тоа време ВМРО-ДПМНЕ формираше влада и владееше 11 години, а НСДП денес е коалиционен партнер на СДСМ“.

Во однос на тоа дали стравува дека одлевањето гласови од СДСМ кон ЗНАМ може да продолжи на парламентарните избори на 8 мај, Ковачевски вели дека тоа ќе зависи од гласачите.

„Ние повикуваме на обединување на сите прогресивни сили околу програмата прелдожена од нас. Програма која ги има ‘акцептирано’ сите грешки направени во текот на изминатите седум години, со јасен план каде треба да се движи државата на сите полиња, од економски, борба против корупција, грижа за млади, грижа за сите, мислам на зголемување на пензии, на минимална плата, на просечната плата. Докажавме дека можеме да работиме на тоа, минималната се зголеми за три пати, просечната за скоро двојно“, додава Ковачевски.

Тој негира дека не се во добри односи со генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, а атмосферата во партијата ја оценува како работна, со активности околу претстојните избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.