По повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста под слоганот „Обединети во слободата“, претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски вечерва се обрати на централната свечена прослава која со богата музичка програма се одржа кај паркот „Ибни Пајко“ во Скопје.
Во продолжение, ви го пренесуваме текстот од обраќањето на премиерот Ковачевски:
Добровечер граѓанки и граѓани на слободна и независна Република Македонија – признаена од целиот свет, достоинствена членка на НАТО и идна членка на Европската Унија,
Добровечер Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, од другите етнички заедници, вградени во мирољубивиот, мултиетнички, европски и прогресивен концепт на едно, заедничко, општество на сите.
Честит 8-ми септември – Денот на независноста!
Почитувани претставници на Армијата, на полицијата, од економскиот сектор, од другите институции, на коишто е поставен државниот систем, што го градиме 31-на година досега, низ успеси и предизвици,
Почитувани претставници на меѓународната заедница, пријатели – сопатници во демократскиот развој на нашата држава,
Почитувани претставници на медиумите и од граѓанскиот сектор – глас на независната, слободна мисла, без кои не ќе беа можни демократијата и напредокот,
Почитувани присутни од сите сфери на општествено-политичкиот живот,
Благодарам што сте тука вечерва, заедно да го заокружиме прославувањето на Денот на независноста на Република Македонија, со цврста определба дека Обединети во слободата ги продолжуваме перспективите!
Перспективите на Република Македонија, кога, на историскиот референдум на 8-ми септември, 1991-та година, граѓаните, во огромно мнозинство, сплотени, независно од етничките, политичките или други различности, одлучија да живеат во самостојна и независна држава. А, нешто потоа, ги поставија и патоказите за развојот – членството во НАТО и Европската Унија.
„Гласот за суверена и самостојна македонска држава е глас за Македонија, заеднички дом на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите и претставниците на другите народи што живеат во неа, заеднички дом израснат врз вековното искуство на национална и верска толеранција и почитување, но и за достигнување квалитет на највисоки стандарди во меѓунационалните односи, така како што извира од духот на Крушевскиот манифест“, уверуваше првиот претседател на нашата држава, Киро Глигоров, во пресрет на референдумското изјаснување.
Случувањата потоа ја покажуваат исправноста на одлуката да се продолжи да се чекори по стапките на илинденците и асномците, кои „обединети во борбата“ ги поставиле темелите на слободата и државноста.
Граѓаните во тие 90-ти години покажале свесност дека обединувањето во минатото, ја донело слободата. Но знаеле и дека не смее назад од веќе постигнатото – во името на иднината. И затоа погледот го насочиле напред – кон остварувањето на новата прогресивна цел пред нив – независноста, со определбата, обединети да ја сочуваат и веќе извојуваната слобода.
Со мудрото политичко лидерство во тоа време, кога се случува мирната транзиција на тогашна Социјалистичка Република Македонија, во тогашна независна Република Македонија, сочуван е по мирен пат унитарниот карактер на нашата држава, нешто што во другите земји во регионот, за жал, не беше случај. А со обединувањето на граѓаните околу новопоставената перспектива – независноста, зачекорено е храбро по трасираниот пат на прогресот, што и денес го одиме.
Две суштински нешта сметав дека е потребно да нагласам, поради што се навратив на контекстот и на начинот на којшто е постигната независноста на денешна Република Македонија:
- важноста да се има мудро, храбро и прогресивно лидерство, кое што во клучен момент може да препознае што е исправно и да води напред и
- важноста на заедништвото, во заложбите за постигнувањето напредок.
Искуствата покажуваат дека:
- мораше да се обединиме за независноста на Македонија во 1991-та година;
- мораше да се обединиме и кога одлучивме да надвладее разумот и да спречиме проширување на конфликтот во 2001-та година;
- мораше да се обединиме кога ја обновиме демократијата во 2017-та година;
- мораше да се обединиме кога донесовме тешки државнички одлуки, со коишто Република Македонија, од меѓународно изолирана држава, ја развивме во почитуван и доверлив партнер, членка на НАТО, во 2020-та година, и денес, мора да се обединиме за да се реализира нашата втора стратешка цел – полноправното членство во Европската Унија.
Конечно е тоа можно, по 17 години од добиениот кандидатски статус.
Ги отворивме преговорите со Европската Унија.
Одржана е првата меѓувладина конференција, во Советот на ЕУ.
На патот, од независноста – до денес, наша света должност беше да го зачуваме македонскиот идентитет и да ја развиеме функционалната мултиетничност, по којашто денес сме препознаени во светот.
Го зачувавме, го потврдивме и го зајакнавме македонскиот идентитет. Македонците и македонскиот јазик се впишани во личната карта на Обединетите нации. Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик. Европската унија нè прифати како Македонци, кои говорат македонски јазик.
Почитувани сме и признаени и како држава на богатство од различности, каде граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, и сите други, кои живеат во Република Македонија, имаат исти права и должности и споделуваат исти демократски вредности, како Европа во мало – и во тоа е и нашата сила и нашата вредност.
Нашата историја е запишана во нас – се пренесувала и ќе се пренесува низ нашите поколенија – и тоа е непроменлив факт! Ја имаме шансата, во ваквите околности, да им го отвориме патот на прогресот на новите генерации, како што нам ни беше отворен – и наша должност е да го направиме тоа!
Седнавме на европската маса, затоа што таму ни е местото – бидејќи спроведуваме европски вредности, на дело. Кажавме и Не кога требаше и Да кога требаше и така ќе биде и во иднина.
Дијалошките маси се нашата силна страна. Имавме низ годините многу пријатели и лобисти и аргументи – имаме и денес. Но, на европската маса нас нè немаше. А, сепак и во такви услови, на светот му ја вративме вербата на функционалноста на дипломатијата, преку којашто постигнавме решение за долгогодишен исцрпувачки спор.Сега на таа европската маса ние ќе говориме во наше име.
Ќе се слушаат и нашите аргументи и ставови – и нашата вистина.
И очекуваме ова да олесни во предизвиците и во овој европски почеток, коишто, како во секој почеток – разбирливо будат внимателност кај сите нас. И тоа е добро, да сме заеднички внимателни.
Почитувани граѓани,
Интеграциите се битката на генерациите на денешнината и денес оваа битка бара исто така од нас, несебично, храбро, политичко лидерство!
Сакам да ви обрнам внимание, дека е потребно – но не е доволно, да сме обединети само дома.
Потребно е да бидеме обединети во регионот.
Потребно е да бидеме обединети во Европа.
Потребно е да бидеме обединети со демократскиот свет.
Бидејќи и овој современ, цивилизациски, технолошки развиен 21-ви век во којшто живееме, ги покажа своите слабости. Нè исправи: прво пред пандемијата со КОВИД-19, а потоа и со војната во Украина, којашто ретко кој можеше да поверува дека навистина ќе се случи.
Но, се случи, трае и никој не може да предвиди каков развој на настаните ќе следува.
Светот, Европа, регионот, а со тоа и ние како граѓани и како држава, сме соочени со последиците од овие состојби: потребата да сме сигурни на безбедносен план и да осигуриме достапност до храна и енергенси, посебно пред претстојната зима.
Три големи чекора, коишто зависеа од нас, направивме навреме.
Се обединивме во НАТО, како земја членка и го осигуравме нашиот територијалниот интегритет и безбедноста. Денес, во време на војна, е повеќе од кога било јасно – што значи да не сме сами и изолирани, туку да сме дел од најголемиот безбедносен сојуз, каде земјите членки солидарно се штитат меѓу себе.
Се обединивме и во иницијативата Отворен Балкан и како што можевте да слушнете, договоривме солидарност за достапност на храна и енергенси за нашите три земји. Нема да имаме забрани за тргување со основните земјоделско и прехранбени производи. А ја унапредуваме соработката на енергетски план и пошироко во регионални рамки, во заложбите за обезбедување енергенси, со коишто треба да се преброди најтешката зима што се очекува во поновата светска историја.
Ги започнавме преговорите со Европската Унија и работиме со забрзано темпо за граѓаните на Република Македонија што поскоро да бидат дел од европското семејство.
Регионалното поврзување носи придобивки, но ако сме обединети и во европското семејство, со 27 земји-членки можеме само да претпоставиме што ќе значи тоа на економски план, во оваа светска економска криза.
Европа ги отвори вратите за нас. Дали ќе станеме дел од европското семејство – сега, од нас зависи!
Ако претходните генерации успеале да се обединат во борбата за слобода и во сонот за независна, напредна држава – кој има право, за од која било причина, да го спречи обединувањето на граѓаните на Република Македонија денес, во слободата – за напредокот да продолжи?!
Никој го нема тоа право!
Почитувани граѓани, политички раководства, почитувани претставници на Владата и Парламентот:
Повикувам на обединување и во слободата на одлучување! Знаеме дека мора да продолжиме по европскиот пат, поради нас самите и за оваа цел вреди да се обединиме, без калкулации и без задршки – исто како за независноста во 1991-та, исто како во битките 1903-та и 1944-та година. Државничките одлуки подразбираат лидерство и храброст за слободно одлучување, посебно кога тие одлуки се влог во подобра сегашност и подобра иднина за сегашните и идните генерации.
Пред почеток сме на скрининг состаноците со ЕУ.
Веќе донесовме одлука за воспоставување структура на преговори за пристапување на државата во Унијата, што подразбира целосно вградување на европските закони, во нашиот систем.
Нашата проценка е дека завршувањето на преговорите со ЕУ до 2030-та година е реална, остварлива и неопходна цел, посебно во глобалната констелација на случувањата.
И затоа е потребно одговорно однесување од сите во државата, за да се овозможи забрзана динамика на преговарачкиот процес.
Ако во почетоците на независноста на Република Македонија беше патриотизам создавањето на институциите, воспоставувањето монетарна самостојност, воведувањето државна валута – денес тоа значи функционирање по принципот на европските вредности и домашна економија којашто напредува низ принципите на конкурентност на заедничкиот европски пазар.
Затоа што ние не припаѓаме само географски на европскиот континент, туку актуелните случувања покажуваат дека сме си многу потребни едни на други. Ние се поставивме стопроцентно на линија на надворешната политика на ЕУ, бидејќи веруваме во истите демократски вредности и принципи и знаеме дека тоа се вреднува.
Реков дека ние решивме да бидеме мудри, одлучни, несебични, да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, затоа што тоа е одговорност на секој политичар. И денес сум уште поуверен дека ги правиме исправните чекори. И повикувам сите да ни се придружат.
Ќе укажам и на уште еден аспект важен за граѓаните, за што е неопходно разумно однесување и обединување, дома.
Постигнавме, со нашата посветеност кон унапредувањето на животниот стандард на граѓаните, историско покачување на минималната и просечната плата, на пензиите, на социјалната поддршка за ранливите категории граѓани, спуштајќи ја на историско ниво невработеноста. Успеавме да донесеме низа мерки за поддршка на граѓаните и стопанството. Но, прво пандемијата, сега и светската економска криза и војната во Украина се одразуваат значително на животниот стандард. Ние како Влада, ги следиме будно потребите на граѓаните и реагираме според капацитетите во државниот Буџет. Разгледуваме и нови можни мерки со цел да ги поддржиме граѓаните и фирмите и сите заедно, обединети, да ја пребродиме зимата. Во овие напори, апелирам на коректност на економскиот пазар.
Посебно, охрабрувам на политички план, сите да покажеме достоинствена почит кон предизвиците со коишто се соочени граѓаните и државата од глобалната криза и да се помогне во решенијата, наместо да се блокираат. Има време и до избори и за политиканство – но, сега не е тоа време!
Ние ја прифативме за своја водилка, прогресивната идеја за напредок преку обединување и затоа толку зборувам за оваа потреба и на домашен и на меѓународен план.
Ајде да продолжиме по патот на развојот!
Обединети во слободата е битка за перспективите!
Слободата е одговорност. Таа значи право на избор, но со одлуките и изборите што ги прави секој, потсетувам дека треба сите да живееме.
Ќе го заокружам обраќањето со оценка на претседателот Глигоров, како што почнав.
„На Балканот, вели во една изјава тој, премногу се живее од историјата, а премалку од она што ќе биде утре“.
Верувам дека тој би бил горд денес, бидејќи ние, во нашата држава, како и на Балканот, прогресивните раководства денес се фокусирани кон подобро утре, поучени од вчера.
Драго ми е што сме вечерва во овој парк во центарот на градот, во некогаш најголемото и најпознато маало во Скопје, Ибни Пајко, со што ја испраќаме пораката дека градиме заедничката иднина за нашите деца. Уверен сум, дека во големо мнозинство сме обединети во приоритетите кон иднината, исто како на историскиот 8-ми септември, пред 31-на година. Тоа е мудро, зрело и потребно, исто како и при секој чекор напред.
Нека ни е вечен Денот на независноста!
Да живее Република Македонија, да живеат граѓаните!“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.