Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, се сретна со Карен Донфрид помошник државна секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, како и со Габриел Ескобар заменик помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан и со американска делегација, придружувана од амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз, информираат од владината прес служба.
На состанокот е заеднички истакнато значењето на стратешкото партнерство на Македонија со САД.
Помошник државната секретарка на САД Донфрид, пренесе порака дека Македонија е важен трансатлантски партнер на САД. Изразена е силна и недвосмислена поддршка од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за развојот и европските интеграции на Македонија и за итно и неодложно отпочнување на преговорите со ЕУ, како прашање од стратешка важност за стабилноста на целиот Западен Балкан.
Истакнато е дека нашата држава, како членка на НАТО и земја кандидатка за ЕУ, функционира според принципите на демократските и европските вредности и дека во предизвиците што ги донесе војната во Украина, се постави брзо и целосно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ.
Со ефективните политики за поддршка на народот во Украина и во согласност со надворешната политика на НАТО и на ЕУ, Македонија како што е оценето, даде уште еден силен аргумент дека припаѓа во НАТО и во Европската Унија.
Заеднички е констатирано дека ова треба да биде препознаено и вреднувано од ЕУ, со отворање на преговорите за Македонија и Албанија, бидејќи проширувањето на Европската Унија со Западен Балкан, од геополитичка гледна точка е безбедносно прашање и е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и на самата Европска Унија.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за традиционалното, искрено и континуирано пријателство на САД од независноста на нашата држава до денес и го оцени како исклучително важно во сите процеси на развојот на нашата држава, вклучувајќи го и остварувањето на двете државни стратешки цели, НАТО и ЕУ.
Владата е фокусирана на животниот стандард на граѓаните и на надминување на последиците од светската енергетска, економска и воена криза и ќе продолжиме да се заложуваме за решенија на сите отворени прашања исклучиво со почитување на европските вредности и на основа на меѓусебна почит и достоинствен пристап во разговорите, рече премиерот Ковачевски.
На состанокот е разговарано за повеќе актуелни прашања, како што е значењето на иницијативата Отворен Балкан што ја унапредува регионалната соработка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.