Ние сме политичари кои носат тешки, но државнички одлуки. Никому не му е лесно во вакви ситуации, бидејќи дијалогот значи и отстапки, но знаеме дека тие тешки одлуки се за подобра иднина на сегашните и идните генерации. Тоа го истакна премиерот Димитар Ковачевски од Охрид, каде денеска се одвива продолжението на разговорите за договорот за пат кон нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, што се одржуваат под покровителство на ЕУ.
Во обраќање пред медиумите, Ковачевски ги охрабри претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти да бидат конструктивни и да имаат продуктивна средба во Охрид.
Дијалогот е единствената алатка за консолидација на регионот и за европската интеграција на двете земји. Отворен дијалог со кој се решаваат отворените прашања од различни аспекти е од огромна важност и за регионалната стабилност, одржувањето на мирот и патот кој води кон просперитетна иднина не само за Србија и Косово, туку и за целиот регион – рече Ковачевски.
Тој забележа дека државата е препознаена како почитуван партнер на меѓународната заедница и фактот на стабилност во регионот.
Договорите кои ги потпишавме – Охридскиот, Преспанскиот, како и Договорот за добрососедство, се потврда за нашиот европски дух, за затворање на прашање со кое го трасираме патот на иден развој на земјата. Владата спроведува политики на решавање, а не политики на создавање на проблеми. Земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива – истакна Ковачевски.
Токму затоа, смета премиерот, сега е вистински момент да се забрза евроинтегративниот процес кој е важен за сите земји од Западниот Балкан.
Нашата земја со поддршка на ЕУ постигна историски исчекор, кој го трасира патот кон европските и евроатлантските интеграции. Станавме члeнка на НАТО, а во јули минатата година ја одржавме првата Меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел. Во тек е и билатералниот скрининг кој што се одвива исклучително успешно што е констатација на ЕУ, а не само наша констатација – додаде тој.
Според него, денес земјава е високо почитуван партнер на меѓународната заедница.
Покажавме и докажавме дека сме земја која гради пријателства и сме пример за добрососедство. Силно веруваме во дијалогот како цивилизирана форма на комуникација, како единствен пат кој води кон напредок и развој. Нашата стратешка цел е влез во ЕУ заедно со сите соседи – истакна Ковачевски.
Местото на Западен Балкан, според претседателот на Владата, е во ЕУ, географски, историски, политички и цивилизациски, особено во услови на геополитички превирања, длабока поделеност на светот и воена агресија на Европскиот континент.
Мојата визија е да го видам Западен Балкан развиен, модерен, интегриран во ЕУ. Тоа е наш приоритет. Затоа работиме и кон тоа се стремиме. Нашите граѓани да живеат дома, граѓаните на сите наши држави на Западен Балкан да живеат дома со подобар стандард и со подобар квалитет на живот, а напредокот кон интеграција на државите од Западен Балкан е и цел на Берлинскиот процес и иницијативата „Отворен Балкан“. Ќе продолжиме да ги градиме регионалните иницијативи за развој на економијата и стопанството како и мобилноста на граѓаните – рече Ковачевски.
Уште еднаш потенцира дека сака да го види регионот целосно интегриран во ЕУ за што вети дека ќе направи се што е во негова моќ, давајќи поддршка на овој процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.