Претставниците на македонските Бугари треба сериозно да се сфатат и нивните проблеми да бидат воочени и решени од институциите на Република Македонија. На ова инсистирал бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој денеска во Европскиот парламент се сретнал со претставници на здруженијата на македонските Бугари.

Ковачев бара претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да се сретнат со нив.

-Да слушнат од нив кои се нивните проблеми, институциите да ги заштитат како нивни граѓани од атмосферата што ја создава говорот на омраза и да престане со практиките од минатото, инсистирал Ковачев.

Тој додал дека македонските Бугари се залагаат за што побрзо членство на Македонија во ЕУ.

-Ова е од корист за сите граѓани на РСМ, за Бугарија, за целиот регион и за Европа. Тоа е она за што работиме и затоа бугарското претседавање со Советот на ЕУ имаше за цел да ги убеди нашите партнери дека интеграцијата на Западен Балкан треба да се случи што е можно побрзо. Со војната во Украина и пропагандната војна во Бугарија и во земјите од Западен Балкан, тоа е исклучително важно, мора да се поддржат проевропските сили, изјавил Ковачев, пренесуваат бугарските медиуми.

Според него, гостите разговарале и за спроведувањето на Договорот меѓу Софија и Скопје за добрососедство, како и за вклучување на Бугарите во Уставот, што е услов Скопје да ги започне преговорите за приклучување кон ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.