Биснименот Трифун Костовски е убеден дека тогашниот технички премиер Оливер Спасовски и Народната банка стојат зад одењето во стечај на неговата Еуростандард банка.

Ова е заклучокот по вчера презентираниот извештај од страна на двајца независни експерти од Хрватска и од Словенија, Драго Кос и Ирена Франчетовиќ.Тие детално објаснија на кој начин се уништувала банката и дека во тоа се вкучени поранешни вработени во банката на видни позиции а „заслужна“ за тоа е и Комерцијална банка на која „малата“ Еуростандард банка  и дава депозит.

Сомнежот дека и Техничката влада била ставена во функција за уништување на Еуростандард банка е уште посилен со фактот што само 3 часа пред објавувањето на стечајот од страна на госпоѓата Гувернер Бежоска на ден 12.08.2020 година, член од акционерите на Еуростандард банка имаше лична средба со тогашниот Технички премиер Оливер Спасовски-рече вчера Костовски.

 

Експертите пак дошле до сознанија дека од 2004 година, во Република Македонија постои добро воспоставена шема преку која неколку комерцијални банки во земјата систематски ги прекршувале важечките регулативи во областа на банкарството, со цел да можат, покрај законски дозволеното кредитирање, да вршат и законски забрането кредитирање, претежно за субјекти коишто не се подобни за добивање банкарски кредити.

Шемата функционирала на таков начин што одредена банка идентификувала компании коишто се подготвени да ги отстапат своите деловни сметки, на кои банката потоа исплаќала одредени износи врз основа на фиктивни договори за кредит, а потоа истите компании формално им ги позајмувале тие износи на други компании, исклучиво по избор и во организација на банката. На сличен начин, потоа овие средства ѝ се враќале на банката. На тој начин, банката остварувала придобивка од вештачки зголемените кредитни пласмани, платените провизии, камати, казнени камати и други трошоци, додека компаниите коишто вршеле улога на пренесувачи на незаконски стекнати пари, односноконвертирање кредити во заеми, поради исклучителниот обем на шемата којшто не дозволувал можност за вршење контрола, вообичаено претрпувале сериозни загуби-се наведува во извештајот.

Во извештајот посебно место има и за улогата на Народната банка која како што велат експеритите, „одбива да го препознае и спречи постоењето на шемата“ за уништување на банката.

НБ требало да поведе стечајна постапка  уште во август 2019 година, кога стапката на адекватност на капиталот – според сопствените наоди на НБСМ – веќе била негативна, но сепак тоа не го сторила. Очигледно, НБСМ имала многу јасно разбирање за задолжителните одредби од Законот за банките во врска со нејзиното дискреционо право на поведување стечај, но таа чекала до 12 август 2020 година за да го поведе стечајот. Строго законски и според податоците со кои располагала НБСМ за стапката на адекватност на капиталот на ЕСБ на 30 јуни 2020 година – и покрај тоа што не било јасно колкава всушност била реалната стапка на адекватност на капиталот – таа требало да поведе стечајна постапка на тој датум.
Со оглед на фактот дека во август 2019 година не била поведена стечајна постапка, постојат сериозни сомневања во однос на тоа дали моментот на поведување стечајна постапка на 12 август 2020 година бил соодветно избран-сметаат експертите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.