Чуден, но интересен беше дуелот меѓу експремиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Мицкоски во дуелот изнесуваше конкретни податоци, но Ковачевски одбиваше да ги види. Планот што го изнесуваше Ковачевски за Македонија за мене беше чудно што не бил спроведен досега од него како лидер на Владата. Кога ќе го споредам овој дуел со дуелот на Георгиевски-Црвенковски би рекол дека тоа беше стандард на дуел по кој започнаа промените. Сите три претходни дуели на Заев со Мицкоски беа подобри од овој. Ковачевски едноставно не се снаоѓа во ваков вид комуникација. Среќна околност е што подмладокот на партиите умеат на позитивен и конструктивен начин да дебатираат што го гледав подоцна во еден подкаст. Младите покажаа дека може да се дискутира без навреди, а другата страна да не се гледа низ нишан. Исклучивоста и без алтернативноста на Ковачевски не водат никаде. Но, на крајот битни се гласачите и тие ќе го дадат својот конечен збор, вели политичкиот аналитичар Сотир Костов во СТУДИО 10 на ТВ 24.

Очигледно нè очекува голема борба во претседателската предизборна кампања. Не сум задоволен од атмосферата. До пред три дена се менуваше Изборниот законик но не според препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Освен тоа, ДИК се комплетираше дури минатата недела. Трето, имаме црна кампања иако самите кандидати се уште не влегле во тоа ниво. Говорот на омраза е многу присутен на социјалните мрежи оти таму е најлесно да се плука по луѓето. Сите овие политичари, претседателски кандидати се луѓе од кариера и тоа треба да се почитува без оглед на крајните резултати. За жал, кај нас се загуби категоријата независен претседател, сите се партиски, вели Костов.

Во однос на одѕивот на претседателските избори, Костов вели дека има 1,3 милиони гласачко тело присутно во земјата, па ако излезат на гласање 800-900 илјади гласачи, тоа не е мал квантум на гласови, иако изборниот законик калкулира со запишаните гласачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.