Нема Македонец, каде и да е на оваа „дуња“, кому денеска не му доаѓа да заплаче како дете зашто денеска е нашиот празник над сите празници – Илинден, рече во денешниот говор во Смилево министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Овде, во Смилево, каде што се и колепката и гробот на нашиот национален херој Дамјан Груев, е донесена конечната одлука за востание во 1903. Ние, Македонците, никогаш и ништо не сме добиле на подарок. Нас повеќе нė радувала слободата отколку што нė плашела смртта. Илинденското востание е задушено во крв и во солзи, но Илинден е нашата победа и нашата скапо платена слобода, додаде таа.

Костадиновска-Стојчевска дополни дека Крушевскиот манифест и Декларацијата на АСНОМ се четива со европски вредности, достојни, и денес, и за проучување и за почитување. Воедно, сите наши Илиндени испратија и јасна порака до целиот свет дека – „Македонско име нема да загине“.

Под ова Сонце на слободата, велиме – Илинден е нашиот одговор на секое наше негирање, на секое посегнување по нас, на секое изживување со нас. Ние одамна си го врвиме својот пат и си ја гледаме својата работа. Го подигнавме бајракот за СМРТ или СЛОБОДА, без двоумење застанавме под бајракот на антифашизмот. Секогаш сојузници на доброто, секогаш на страната на праведното, рече таа.

Покрај посетата на Смилево Костадиновска-Стојчевска беше дел и од делегацијата на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски заедно со првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во Крушево.

Владината делегација се поклони и оддаде почит положувајќи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.