Ја кажав историската и реалната политичка вистина во моментов, нешто што во принцип не се случува многу често во Македонија, се пофали пратеникот и лидер на бугарската партија „Преродба“ Костадин Костадинов во интервју за БТВ, откако за време на отворањето на Културниот бугарски центар во Скопје пред новинарите рече дека Македонија е втора бугарска држава и затоа треба да бидеме една држава која ќе се протега од Црно Море до Охридско Езеро и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Изјавите беа осудени од македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој рече дека за него лично таквите политичари воопшто не мора да доаѓаат тука, но Костадинов сепак уште официјално не е персона нон грата во Македонија.

Какви територијални претензии кажав кон Македонија, освен што кажав дека во земјата живеат луѓе кои се сметаат себеси за Бугари, кои зборуваат бугарски јазик, дека ние зборуваме ист јазик како и луѓето во Македонија. Сега го нарекуваат македонски, но тоа не значи дека не се разбираме и дека секој нормален филолог во светот знае дека тоа е дијалект на бугарскиот јазик, потенцирал Костадинов.

За изјавата дека „Бугарија и Македонија се две земји кои треба да бидат една“, бугарскиот пратеник коментира дека тоа го сакале сите бугарски преродбеници.

Од моментот кога пристигнав во Македонија, додека не се вратив назад и буквално до денес, добивам многу честитки од Бугарите од Македонија кои велат: „Конечно некој отиде и им ја кажа вистината на македонските новинари во центарот на Скопје, нагласил лидерот на „Преродба“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.