Претседателката Гордана Сиљановска Давкова за членови на Советот за безбедност ги именуваше Малинка Ристевска Јорданова – експерт за евроинтеграции, Џевдет Хајредини – поранешен министер за финансии и Владимир Спиридонов – експерт за климатски промени. Со именувањето на тројцата членови, како што информираат од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова, Советот за безбедност на Република Македонија е во полн состав.

Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Членови на Советот за безбедност се претседателот на Собранието, Африм Гаши; претседателот на Владата, Христијан Мицкоски; министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски; министерот за одбрана, Владо Мисајловски; министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како и Малинка Ристевска Јорданова, Џевдет Хајредини и Владимир Спиридонов, кои денеска беа именувани од претседателката, согласно нејзините уставни надлежности.

Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во Република Македонија, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.

Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Македонија.

Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за тоа одлучува претседателот на Советот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.