Кој нема да стаса до 12 февруари идната година да ги замени личните документи со нови, на коишто го пишува новото уставно име на државата, нема да има право да гласа на мајските претседателски избори, пишува „Плус инфо“.

Вакви гласини веќе подолго време се шират во политичките кругови, а дека постои реална опасност многу наши сограѓани да го загубат демократското право на глас ни потврдија и од Државната изборна комисија (ДИК).

Оттаму за Плусинфо велат дека опасноста демне, но дека сепак постои надеж оти навреме ќе се изнајде преодно решение за да не се случи да има оштетени граѓани.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлагаат сите граѓани коишто имаат валидни лични документи да имаат право да гласаат на претстојните претседателски избори, бидејќи, како што посочуваат, станува збор за документи издадени од домашните институции, а политичката одлука за промена на државното име не смее да биде причина за ускратување на правото на глас.

Пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, искрено се надева оти власта нема да биде толку безобразна и навистина да им оневозможи на дел од граѓаните да го остварат правото на глас само затоа што во личната карта не го пишува новото државно име.

 

Не би сакал ни да помислам дека власта подготвува такво сценарио, бидејќи таквиот потег би бил крајно безобразен

– За еден човек да го искористи своето право на глас, потребно е да приложи личен документ за идентификација. Со тој документ гласачот може да гласа, а избирачкиот одбор го користи документот за да види дали гласачот е навистина тој што се претставува дека е. Така што, секој валиден документ, без разлика каков наслов носи, би требало да е валиден за гласање. Но, за ова прашање Државната изборна комисија (ДИК) треба да изгради принципиелен став и на тој начин да ги заштити правата на гласачите, без разлика на политичките одлуки кои можеби измениле наслови на некои нивни лични документи – истакна Милошоски за Плусинфо.

Повеќе на Плусинфо.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.