Граѓани кои се фотографирале за патни исправи во декемрви, сѐ уште ги немаат документите за кои платиле. Тие се жалат дека чекаат и по два часа да дојдат на ред на шалтер за подигање документи, а одговорот од другата страна на шалтерот е дека нивните документи не се готови или пак се изработени но не се донесени за издавање…

-Се фотографиравме и јас и децата за пасоши на 16 декември. Имавме некое планирано патување за Нова година, па среќа дадов барање да ми се вратат сѐ уште важечките пасоши за да може да заминеме. До сега со тие пасоши излеговме од државата трипати. Но од утре веќе немам пасош. Имам пасош со важност уште една година, имам платено за нов пасош затоа што бев принуден да извадам заради промената на името, а пасош за патување немам – коментира Ненад Б.

Вели секоја недела оди да провери дали се готови пасошите, но секогаш го добива истиот одговор – ги нема патните исправи.

-Бев на 29 декември да проверам случајно да не се готови, пред да заминеме на пат. Не беа. Отидов после празниците повторно, ми рекоа не се готови дојдете на 26 јануари. Тоа е 40 дена од фотографирањето, што е надвор од оној рок на издавање на исправата, но не ми беше проблем, затоа што имав пасоши со кои сѐ уште можам да излегувам од државата. Отидов на 26 јануари, но пасошите не беа готови. Ми рекоа дојдете за една недела. Отидов после една недела, одговорот беше пасошите се изработени, но не се донесени за достава, дојдете за некој ден. Отидов после три дена – пасошите се готови, не се донесени за издавање. Отидов после една недела, одговорот ист – пасошите се изработени, не се донесени за издавање… Го прашав вработениот на шалтер каде да го барам пасошот со оглед дека е готов веќе подолго време, а не е донесе тука за да го подигнам, само ми крена раменици – коментира нашиот соговорник.

Со исти проблем ни се обрати уште еден граѓанин, кој се фотографирал на крајот на декември.

-Мојата работа е поврзана со патување. Се јавив, добив термин за фотографирање за документи, платив за нови документи, иако старите ми важат сѐ уште, и документи немам. Трипати одам и чекам по два часа за да си го земам пасошот, трипати ме враќаат со изјавата готов е, не е донесен тука за да може да го подигнете. За два дена треба да патувам службено, јас немам пасош. Мојата работа трпи штета. Кој ќе ми ја надомести штетата која ми ја нанесува државата?! Веќе почнав да се распрашувам по адвокати што можам да преземам против државата за ова што го прави – да плаќам за нов пасош, иако стариот ми има важност уште 4 години и пак да немам пасош за да ја обавувам мојата работа, со која заработувам за да го прехранам семејството – вели револтирано нашиот соговорник.

Република побара одговори од МВР.

Која е причината што пасошите доцнат веќе 2 месеци?

Зошто веќе изработени пасоши (барем така им се кажува на граѓаните од шалтерите за подигање документи), не се донесени и по месец дена за да може да се подигнат?

Каде може да добијат информација граѓаните за нивните патни исправи? (дека веќе може да си ги подигнат)

До редакцијата се обратија и граѓани чии бизниси зависат од нивните патувања, а старите документи веќе нема да важат од понеделник. Планирани патувања не можат да реализираат поради немање документи, иако навреме се фотографирале и платиле за нови.
Прашуваат – кој ќе ја плати штетата која им се нанесува?

Но конкретен одговор нема. Никој не одговара на прашањето каде граѓаните можат да добијат конретен одговор каде е нивната патна исправа која наводно е изработена но не и донесена за да може да биде издадена. На сите овие прашања МВР одговори:

Поради големиот прилив на барања за нови лични документи, пролонгиран е рокот за нивно комплетирање до фаза на издавање.
Се работи на целосна реорганизација на процесот што ќе го олесни самиот процес на издавање, со цел во иднина истото да биде навремено и повеќе да нема голем број на граѓани кои ќе создаваат гужва при подигнување на документите.
Како што МВР направи реорганизација во делот на фотографирање, исто така во тек е реорганизација и во делот за издавање на личните документи.
МВР со зајакнување на кадровските капацитети презема мерки граѓаните што е можно побрзо да ги добијат своите документи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.