Семејствата на жртвите кои ги загубија животите во автобуската трагедија во Бугарија, денеска во допис до медиумите јавно прашуваат кого сака да заштити претседателот на Собранитео, Талат Џафери и зошто не дозволува собраниска истрага за случајот.

Сега кога веќе ги немаме нашите најблиски, ја бараме само вистината и правдата. За таа цел побаравме Анкетната комисија во Собранието да одржи состанок за човековите права и слободи. Но, денеска добивме одговор дека оваа средба, иако ја свика претседателот на Комисијата, Халил Снопче, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја откажа, се наведува во дописот.

Семејствата на жртвите во трагичната несреќа нагласуваат дека пратениците се народни претставници во Собранието и тие треба да бидат глас и поддршка за граѓаните.

Ние ја бараме само вистината и правдата, а таквите одлуки ги цениме како обид да се сокрие истото. Денес, господинот Џафери уште повеќе ни ја отежна болката и јавно го прашуваме зошто му смета вистината, кого сака да заштити и зошто не дозволува собраниска истрага, стои во дописот до медиумите.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја откажа седницата на Постојаната анкетна комисија во Собранието. На дневен ред беа точките за тетовската модуларна болница, трагедијата во Бугарија и жалбата на вработен во Министерството за одбрана. Според првиот човек на комисијата, Халил Снопче, откажувањето на седницата е прекршок за кој ќе следи одговорност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.