Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков денеска ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат презентирани потребните информации непосредно пред најавениот штрајк во детските градинки, основните и средните училишта.

СОНК за утре најави генерален штрајк, бидејќи на минатонеделните средби со Владата не се договорија за исполнување на нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти.

Ова барање е со цел усогласување со порастот на минималната плата во државата од 15.199 на 18.000 денари што веќе стапи на сила.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија застана зад барањата на СОНК и со сите свои ресурси и логистика го поддржува генералниот штрајк на СОНК.

КСС цврсто застанува и ги поддржува вработените во дејноста образование и дејноста предучилишно згрижување и воспитание на деца и нивните барања за достоинство, праведност и почит кон трудот и да се започне со исплата на плати во согласност со законот и колективните договори.

Родителите го поддржуваат штрајкот на наставниците и воспитувачите, но се и вознемирени од неизвесноста дали ќе има каде да ги згрижат децата додека трае генералниот штрајк.

Од Министерството за труд и социјална политика смируваат и ги известуваат родителите дека сите предучилишни установи ќе продолжат да ја вршат својата дејност згрижување и воспитание на децата и во деновите на најавениот штрајк, како и до сега.

Во согласност со Конвенцијата за правата на детето, одредбите во Уставот на Република Македонија и Законот за заштита на децата на Република Македонија, неприкосновено право на децата е да им биде пружено згрижување и воспитание во предучилишни установи како облик на заштита на децата.

Согласно Законот за заштита на децата, во преучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, но не и за време на штрајк, стои во соопштението на МТСП и се додава:

„По повод најавениот штрајк од страна на СОНК и во предучилишните установи, а кое право е загарантирано право на работниците согласно со Уставот, при остварувањето на правото на штрајк вработените се должни да обезбедат непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.