Два авиони од типот „Air Tractor“ и вкупно девет лица членови на екипаж од Република Кипар попладнево ќе пристигнат во Скопје, во рамките на помошта за Македонија од ЕУ механизмот за цивилна заштита, а од утре ќе учествуваат во гаснењето на пожарите во Свети Николе и Чашка, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Секторот за шумарство при Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина на Република Кипар соопштија дека „по наредба на директорот на конкретниот сектор Савва Иезекил и по консултација со надлежната министерка Мариа Панајоту, преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија се испраќа помош за справување со шумските пожари во областите Чашка и Свети Николе“, а соодветно бил информиран и министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос.

Двата авиона, со четворица членови на екипажот и пет лица за копнена поддршка, во 10:15 часот утрово полетале од аеродромот во Пафос кон меѓународниот аеродром во Скопје, планирана е попатна станица на аеродромот на грчкиот остров Родос за полнење гориво и според процените се очекува кај нас да слетаат околу 17 часот.

По пристигнувањето ќе биде информирани со детали за акцијата, а се очекува утро наутро да учествуваат во гаснењето на пожарите.

Планирано е кипарските авиони да останат пет дена.

Конкретните авиони од типот „Air Tractor“, како што соопштија од Секторот за шуми во надлежното кипарско Министерство, се опремени со соодветна опрема за гаснење и употреба на пена, опремени се и со соодветна телекомуникациска опрема, како за комуникација со Единицата за воздушни средства во Ларнака, така и за пренос на информации и фотографски материјал.

Од средината на јуни 2024 година двата авиони се дел од механизмот rescEU и оваа е нивната прва мисија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.