Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во декември рече дека во 2023 година ќе продолжи изградбата на зградите на двете високообразовни установи – факултет за информатички науки и за физичко образование. Годинава истекува. Останаа нешто повеќе од два месеци…

„Во тек е ревидирање на проектите за изградба на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, а целта е да се отстранат одредени позиции кои се дел од естетиката на објектите, а не се поврзани со функционалноста, со цел да се намалат непотребните трошоци во услови на економска криза. Откако ќе заврши ревидирањето, ќе се спроведе и постапка за јавна набавка, со цел избор на економски оператор кој ќе ја доврши изградбата“, изјавија од МОН пред неполна година.

Реведирањето очигледно се уште трае… Овие две згради веројатно нема да го дочеаат светлото на денот. Демек барокот беше проблем…. Пред година дена се најавуваше дека останува да се види какво решение за изглед ќе добијат двете згради и кога ќе биде распишан тендерот за избор на компанија што ќе ја продолжи изградбата на објектите на ФИНКИ и ФФОСЗ, а од тоа ништо… Во буџетот на Министерството за образование и наука за годинава се предвидени 21,6 милиони денари за продолжување на реализацијата на оваа инвестиција. Парите каде?!

Изградбата на двата објекта започна во декември 2015 година како дел од проектот „Скопје 2014“. Двете згради требаше да ги решат проблемите на факултетите кои со години опстојуваа во лоши услови. Изведувач на градбата беше фирмата „Бетон-Штип“, но откако во јули 2019 година отиде во стечај, изградбата прекина. И оттогаш се стои во место. Иако реализацијата на капиталните инвестиции Владата ја постави високо на листата приоритети, сепак за МОН не е од врвен интерес доградбата на двете згради кои својот фото финиш го чекаат повеќе од 8 години. Ректоратот се правда дека нема никаква моќ, освен постојано да укажува на потребата овие згради конечно да се заврпат. Никој не е виновен, зградите стојат недовршено, вемето си го зема данокот, ветувањата се празни а и она што веќе е направено кај и да е ќе биде неупотребливо.

А што е со безбедноста на студентите?! Секојдневно врват тука, скеле стои, кран стои… Кога веќе не се гради, барем нека се мисли на безбедноста на студентите. Или можеби ние сме научени – нека се случи па после ќе му ја мислиме?! Кој ќе ја преземе одговорноста тогаш? УКИМ? МОН? Владата? Или ќе биде виновен некој штраф што попуштил или сајла што се скинала… Впрочем научени сме продолжни кабли, пајаци и слично да ја сносат одговорноста за сѐ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.