Стружани сметаат дека игрите на среќа придонесуваат кон зголемување на криминалот и сиромаштијата, но и дека не се почитуваат законите и лица под 18 години посетуваат објекти каде што се приредуваат игри на среќа во Струга.

Ова го покажува истражувањето на професорот Ндерим Положани, кој во рамки на проектот „Поддршка на изборни реформи”, спровел анкета со 200 испитаници во рамки на мониторингот на измените на Законот за игри на среќа, со кои се предвидува објекти во кои се приредуваат игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од образовни институции.

– Места каде што се приредуваат игри на среќа, спортски обложувалници и казина, се среќаваат насекаде низ Струга. Не се бира местото на нивно отворање дали е училиште, основно или средно, верски објект и слично. Илјадници евра секој ден излегуваат од џебот на граѓаните на Струга, а завршуваат во касата на игрите на среќа и обложувалниците. Игрите на среќа не ги штедат ниту социјалните категории и малолетниците, кои треба да се наша колективна грижа, заклучува Положани.

Според истражувањето, 95 проценти од испитаниците сметаат дека не се почитуваат законите и лица помлади од 18 години ги посетуваат објектите на игри на среќа во Струга, додека пет отсто се со спротивен став.

– Најголем дел од испитаниците или 96 проценти тврдат дека игрите на среќа придонесуваат до зголемување на криминалот и сиромаштијата, а 82 отсто се со став дека игрите на среќа требаат целосно да се затворат, додека 18 проценти сметаат дека овој бизнис треба да биде регулиран со нов закон, но не и целосно да се завтори. Поголем дел или 88 отсто би го поддржале предлог законот, со кој ќе се обврзат објектите на игрите на среќа да бидат оддалечени минимум 500 метри од училиште и верски објекти, а 83 веруваат дека сегашниот закон за игри на среќа не е во интерес на граѓаните, појасни Положани.

Игрите на среќа, нагласи тој, најлошо влијаат на младите и учениците, а со нивно приредување расте и криминалот поради лихварството.

– Поддршката за дислокација на казината и кладилниците е голема од населението, верските заедници, инситуции, стручни лица… Некои пак сметаат дека игри на среќа треба да се приредуваат во елитни хотели или пак на граничните премини, надвор од населени места и подалеку од младите, пред се децата, рече Положани.

Во рамките на проектот се одржа панел дискусија, во која учествуваа претставници од повеќе сектори, сите со заеднички став дека објектите во кои се приредуваат игри на среќа треба да се дислоцираат подалеку од образовните институции, но и подалеку од населените места.

Јакуб Ќазимоски во своето излагање истакна дека коцкањето е забрането во исламот не само по себе, туку затоа што носи многу лоши последици како за поединецот, така и за општеството.

– Оваа навика (коцкањето), ги прави луѓето непродуктивни, мрзливи и социјални паразити. Ги уништува способностите, времето и енергијата како на поединецот, така и на заедницата. Исламската заедница е изречно строго против отворање на било какви казина и игри на среќа, а кога веќе живееме во едно општество каде имаат право и другите кои не мислат на ваков начин, тогаш во најмала рака треба да бидат оддалечени, таму каде што апсолутно не може да дојдат во контакт малолетни лица, вели Ќазимоски.

Со аргументи дека објектите што приредуваат игри на среќа треба да се надвор од населените места излезе и Никола Кукунеш, кој живее во центарот на Струга, во чаршијата и вели дека ја загрозуваат безбедноста на жителите.

– Живеам до четири обложувалници и три казина. Се плашам да го пуштам детето во продавница, затоа што незнам, кој се ќе сретне во сокаците. Трипати во годината има вооружени грабежи во овие објекти. Јас заспивам со помислата дека можеби токму вечерва некој ќе ми прошета со пушка покрај куќата. Ниту сум заштитен ниту некој се грижи за безбедноста. Затоа таквите објекти не треба да бидат во централното градско подрачје. Не да броиме колку чекори од училиштето ќе бидат лоцирани, туку да броиме колку чекори од местото каде што некој ја става перницата да спие, вели Кукунеш.

Валбона Лачка, која била сведок на разговор меѓу ученици, кои штотуку изиграле тикет за спортска, заклучи дека тие имаат голем психолошки проблем.

– Во еден момент се свртев и им ги видов лицата. На нив се гледаше вознемиреност, чекање, недоверба еден кон друг и тоа едноставно ми изгледаше како голем психолошки проблем кај децата. Тие не беа концентрирани на тоа што требаше да имаат часови, туку чекаа да влезат во училиштето и разговараа, кој има точен тикет, а кој погрешен, односно кој тим ќе победи, раскажа Лачка.

Панелистите заклучија и дека лицата кои се навлечени на игри на среќа, односно коцкање негативните ефекти ги рефлектираат во семејството, но и дека треба да се спроведе едукација на учениците за штетните последици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.