Ние како дел од локалната власт успеавме дел од горливите проблеми на тетовчани да ги решиме, вели Ангел Карапетров, координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во советот на општина Тетово во воведниот разговор на денешната трибина насловена „Социјални политики против иселување и сиромаштија“.

Карапетров посочи дека како советничка група поддржале голем број на инфраструктурни проекти во делот на изградба и реконструкција на улици, како и изградба и реконструкција на водоводна мрежа.

Ја завршивме улицата Страшо Пинџур, ја завршивме улицата Јане Сандански, улицата Димо Гавровски Кара. Го решивме водоснабдувањето во Фалише и Сараќино, во моментот мислам дека едната бушотина е пуштена и во Фалише и Сараќино пристигнуваат 15 литри во секунда вода, имаме уште една бушотина со 5 литри во секунда и мислам дека и таа ќе биде ставена во систем. Значи со 20 литри вода во секунда, чиста и здрава вода да имаат 8000 жители, додаде тој.

Карапетров рече дека како советничка група прават добри дела за сите граѓани без разлика на која етничка припадност припаѓаат.

Ние знаеме да правиме добри дела за сите граѓани. Никогаш не мислиме само за еден етникум во Тетово, кажа тој.

Карапетров нагласи дека проблемот со кучињата скитници мора веднаш да се реши потенцирајќи дека како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ побарале вонредна седница на советот на која ќе се најде решение на овој проблем со кои се соочуваат тетовчани, но и ќе бараат од централната власт да помогне.

Ние како советничка група побаравме вонредна седница на советот на општина Тетово со една точка на дневен ред односно да видиме како ние ќе можеме да го решиме локално проблемот, но не само локално туку ќе побараме од централната власт и регионално да го решава тој проблем, вели Карапетров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.