Македонија наводно е демократска држава – и според уставот и според вредностите на своите граѓани. Ние сакаме да живееме во мир, во слобода, сакаме да имаме право на избор, сакаме да одлучуваме за сопствената судбина. Но дали е тоа така? По насилната и наметната промена на името и игнорирањето на најдемократската форма на избор – референдумот за името кој Македонците масовно го бојкотираа и недвосмислено покажаат дека такво прашање не заслужува дури ниту одговор – де факто, Македонија не е демократска држава. И сосема јасно е каде лежи вината за тоа – во власта која и покрај сите спротиставувањa на мнозинстовото Македонци, упорно продолжува со своите македонофобни политики, безобразно продолжувајќи со кршењето на идентитетските права и правото на самоопределба на Македонците. Најнов пораз во серијата порази е и големата веројатност вештачки предизвиканиот „спор“ со Бугарија која ја негира историската посебност на Македонците и македонскиот јазик, да влезе во идната преговарачка рамка со Европската унија. Поинаку кажано, ЕУ после оваа гарнитура на власт, од далечна реалност се претвори во недостижна фантазмагорија.

Во оваа неправедна и сложена ситуација, време е да препознаеме како и граѓаните допринесуваат до загубата на демократијата, правата и слободите, најчесто несвесно и несакајќи. Мора да се нагласи дека ова не е со намера да се расплисне вината на власта и да се пренесе врз граѓаните, туку има за цел да ги мотивира и извади од менталната состојба на пасивни статисти кои стојат отстрана и немо гледаат како нивните животи и државата се распаѓаат. Токму поради таа пасивност, поради таа научена беспомошност, се создава перцепција дека што и да направи поединецот – „џабе е, ништо нема да се смени“. Пасивноста е најмногу евидентна во неучеството во суштинските процеси на демократијата како што се изборите, кои можеби се најсоодветниот пример за анализа. За да го илустрираме и подобро визуелизираме проблемот, во следните три графикони е претставено учеството на избирачите на парламентарните избори од осамостојувањето на Република Македонија па досега. На графикон 1 е прикажан избирачкиот список кој низ текот на годините расте, односно покажува дека повеќе луѓе официјално се стекнале со правото на глас.

Графикон 1. Избирачкиот список, односно бројот на граѓани со право на глас на парламентарните избори во Република Македонија низ годините. Се забележува растечки тренд, односно од година во година повеќе избирачи се евидентирани на списокот.

Меѓутоа, и покрај очигледниот раст на бројот на избирачи од 1990 г. па досега, од графикон 2 може да се забележи дека излезноста (изразена во проценти како пропорција од бројот на оние што гласале и вкупниот број на избирачи со право на глас) постојано опаѓа. На пример, во 1990 г. скоро 80% од избирачите гласале, додека на последните предвремени парламентарни избори во 2020 г. гласале околу 50% (иако можеби фактор во последните избори беше тоа што се одржаа во екот на корона пандемијата, но слична излезност може да се види и во 2006 г. кога короната не беше фактор).

Графикон 2. Излезност на парламентарните избори во Република Македонија низ текот на годините изразена во проценти (пропорција од бројот на оние што гласале и и вкупниот број на избирачи со право на глас). Се забележува опаѓачки тренд на излезноста.

За уште подобро да го разбереме негативниот тренд и се помалото учество во демократијата од страна на граѓаните, графикон 3 директно го прикажува соодносот на избирачите и излезноста, односно анализирајќи го коефициентот на корелација (–0.75) може да заклучиме дека постои статистички значајна негативна корелација помеѓу овие две варијабли. Преведено на македонски јазик, иако бројот на избирачи во текот на годините постојано расте, излезноста, односно учеството во избирачкиот процес од страна на граѓаните се намалува (тука не навлегуваме подлабоко во можните објаснувања за ваквиот тренд).

Графикон 3. Статистички значајна негативна корелација меѓу бројот на избирачи и излезноста. На графиконот се прикажани податоци од сите досегашни (десет) парламентарни избори во Република Македонија.
Графикон 3. Статистички значајна негативна корелација меѓу бројот на избирачи и излезноста. На графиконот се прикажани податоци од сите досегашни (десет) парламентарни избори во Република Македонија.

И сето ова укажува на намалување на квалитетот на демократијата во Република Македонија. Веројатно добар дел од трендовите би се објаснил со разочарувањето на граѓаните од сиве овие 30 години на тапкање во место. Луѓето ја губат довербата во институциите и лидерите, се чувствуваат немоќно и бесперспективно, губат надеж. Апатичноста си го прави своето и поединецот се предава и признава пораз. Но забораваме дека општествената сила не произлегува од еден поединец туку од збирот на поединците, односно сложното обединување околу една идеја, преку масовноста, конзистентноста и упорноста. Секој поединец е елемент на едно множество и колку тоа множество станува поголемо, толку поголем е ефектот во општеството. Накратко, мит е дека поединецот не може да смени нешто во општеството. Таквото верување токму оди во полза на оние кои имаат корист од питомоста и пасивноста на народот, а тоа најчесто е самоназначената „елита“ на власт. Поединецот може да направи промени и те како, но мора да се насочи неговота енергија, мора да се организира и стане масовна. Една мравка е безначајна, не може да изгради мравјалник, самата не може да смени ништо – но илјадници мравки, добро организирани, секоја со својата минијатурна задача и својот минијатурен допринос – прекопува цели ливади!

Во следниве неколку параграфи ќе идентификуваме одредени тенденции, состојби и склоности во контекст на македонското општество кои го намалуваат отпорот, нѐ пасивизираат и со тоа ѝ олеснуваат на власта да продолжи со својата своеглавост.

Самопотценување и чувство на ниска вредност. Постојаните понижувања кои Македонците ги трпат во последните неколку години (другите етникуми во државава не ги засега идентитетската опресија), живеејќи со срамната промена на името и под постојан притисок на мегаломанските притисоци од страна на Бугарија и бесконечните „условувања“ од страна на ЕУ низ текот на годините, доведоа до ситуација Македонците да добијат чувство на ниска вредност. Самопотценувањето и шегувањето на сопствена сметка станаа секојдневна практика. На социјалните мрежи брујат предрасуди кон самите себе сумирани во пејоративното „македонче“. Тоа имплицира дека сме инфантилни, дека сме недораснати и дека не можеме независно и одговорно да одлучуваме за нашата судбина. Како последица на таа скриена предрасуда, секој збор, секоја реченица кажана од т.н. „западњаци“ стануваат света заповед и по дифолт се прифаќа како труизам. „Странците“ и „меѓународната“ секогаш и за сѐ се во право. Таквата состојба на самопотценување е нездрава и неоптимална и под итно мора да почнеме самите себеси да се цениме повеќе. Мора да сфатиме дека и ние сме жители на оваа планета со истите права како и сите други луѓе, дека не вредиме помалку од останатите и дека имаме право да се бориме за својат идентитет, просперитет и права. Тоа во никој случај не смее да биде причина за срам – нели сонцето подеднакво грее за сите (алузија на славниот говор на св. Кирил во одбрана на Словените).

 

Игнорантност, незаинтересираност и површност. Постојаниот стрес на живеењето од неизвесноста со некомпетентни луѓе на власт доведува до психолошка презаситеност и премореност кај граѓаните. Штотуку излезени од кризата на корона пандемијата, веднаш влеговме во нова економска и политичка криза, без притоа да имаме било каков период на оддишка. Цените растат, вработените од многу институции штрајкуваат, политичките понижувања продолжуваат – сето тоа доведува до истоштеност. На народот му треба одмор. И природно почнуваме да ги одбегнуваме сите тие негативни стресори, лошите вести кои паѓаат како дожд и некако полесно ни е да се преправаме дека не постојат и дека некако самите магично отсебе ќе се решат. И тоа доведува до една од најлошите состојби на умот: игнорантноста и незаинтересираноста. Од нив страдаат психолошки преморените луѓе. Човек си вели „нека биде што сака, повеќе не можам да се замарам“. Но тоа е откажување и бегање од соочувањето, нездрав ескапизам кој само уште повеќе ги усложнува состојбите и уште повеќе ги загорчува нашите животи. Доведува до уште помал отпор и поголема можност за манипулација и корупција од моќниците на власт. Нѐ “фаќаат на кондиција“, како што добро подготвен УФЦ борец некаде во третата рунда го доминира изморениот противникот чиј капацитет за отпор драстично се намалил. А треба да биде обратно – граѓаните се тие коишто мора да имаат кондиција постојано да го следат владеењето, да се борат против корупцијата и предавствата, да протестираат и да даваат отпор. Доколку се откажеме, тогаш самите прифаќаме да бидеме овци и со тоа допринесуваме кон губење на демократијата и нашите права. Со тоа уште повеќе зацврстуваме режим на власт. Му ги одврзуваме рацете. Му сигнализираме дека може уште полошо со нас, уште попонижувачки. Токму затоа е многу важно да не ја игнорираме суровата реалност, туку мора да се соочиме со неа и покрај фактот што борбата е тешка. За таа цел, мора да се потковаме со знаење, да се информираме, да читаме и размислуваме подлабоко, да бидеме критички настроени во ставовите, да не пребегнуваме кон „црно-бело“ гледање на работите. Да бидеме подготвени кога некој партиски апаратчик на прес-конференција ќе нѐ гледа во очи и ќе нѐ лаже – да бидеме начитани и спремни и веднаш да го предизвикаме „булшитот“. Да бидеме храбри. Да битисуваме со интегритет, не потчинетост. Промените кон подобро нема да се случат со мижење, но со широко отворени очи кои гледаат длабоко и смело во лицето на злото.

Неорганизираност, злопамтење и „нарцизмот на малите разлики“. Несреќните луѓе создаваат хаос. Не успеваат да се сплотат и организираат, не успеваат да создадат и почитуваат ред. Во таквата состојба на умот, тежнееме кон себичност и беземпатичност. Непријателите ни се уште поголеми непријатели, а пријателите се претвораат во обични познаници со кои престануваме да делиме интимност и чувства. Нема сомнеж дека Македонија е поделено општество и тоа на повеќе оски: меѓуетничка, која отсекогаш била присутна и која посебно стана евидентна во конфликтот во 2001 година; партиска поделеност која наводно е базирана на некаква си политичка идеологија, но во пракса повеќе е еден вид на трајбалистичка поделеност; и во последните пет години, односно во периодот на владеење на коалицијата СДСМ и ДУИ, почнува да се чувствува силна внатремакедонска поделеност, помеѓу самите Македонци кои се делат во однос на тоа дали се за „северна“ или против (нема сомневање дека оние против се далеку помногубројни). Веќе станува загушливо и невозможно да се има дијалог, посебно меѓу самите Македонци, бидејќи светогледот и „флуидниот“ идентитет на поддржувачите на „северната“ веќе во голема мера се оддалечува од идентитетот на – во отсуство на посоодветен збор – „класичните“ Македонци. Овие две категории живеат во посебни меури на социјалните мрежи, виртуелно, но и во физичкиот живот каде рестораните и кафулињата се поделени по истата оска. Иако многумина од категоријата на „флуидни“ Македонци кои се за „северна“ приватно не го прифаќаат наметнатото име, сепак премолчуваат и продолжуваат да се конформираат веројатно поради личните бенефити од моменталната гарнитура на власт кои за нив се поголеми отколку кога власта би се сменила. Купуваат ден за да поминат. Но еден ден, ќе снема и денови.

Внатремакедонските разлики уште повеќе наликуваат и на она што Фројд го нарекува „нарцизам на малите разлики“ (спомнат во книгата „Цивилизацијата и нејзиното незадоволство“), односно кога две групи живеат една со друга, имаат длабоки меѓусебни односи, повеќе сличности отколку разлики, но не можат да се сложат околу една работа која е исклучително важна и за двете страни, стануваат посебно непријателски настроени една кон друга. Македонците кои се против и оние кои се за „северна“ се толку слични едни со други, а истовремено толку различни. Едните што се залагаа за „северна“ не можат да си ја признаат грешката, а другите против не можат да простат. А без помирување нема сплотеност. И тоа е уште една дополнителна пречка во развивањето на здрав демократски процес и регенерацијата на фрагментираното македонско општество.

Молк кај интелектуалците, научниците, уметниците, новинарите и свештениците. Посебна категорија на луѓе во едно општество се оние коишто создаваат и тргуваат идеи. Тие го уживаат луксузот на поголемата физичка и телесна безбедност од оние коишто работат физичка работа (канцелариското столче е далеку побезбедно од столчето во кабината на еден кран 30 метри над земјата, ќе се сложите нели?). Токму затоа интелектуалните работници не смеат да залегнат во удобноста на нивната работа и да игнорираат сѐ што се случува околу нив. Не смеат да бидат неми набљудувачи на македонскиот културоцид. Не смеат да молчат оние коишто имаат најмногу зборови. Напротив, треба да бидат мозокот на една нација. Мора да имаат интегритет и смелост не само да ја бараат вистината, туку и да се борат за неа. Со секое премолчување на понижувањата и оспорувањата на нашето постоење, ги понижуваат и навредуваат правдината и вистината, двете нешта кои самите велат дека ги слават како врвни вредности во животот. Не смее да се задушат сатирата и критиката кон неправичната власт, не смее театарот да молчи и да не создава претстави за слободата, да не ја исмејува своеглавоста, не смеат новинарите од трагачи по вистината да се претворат во епепе на власта. Дволично е професорите да им зборуваат на своите студенти за етичките вредности додека самите се кријат под камен кога треба смело да се критикуваат моќниците на власт кои масовно ги кршат тие етички вредности. Не смеат да молчат и светите лица, оние кои тврдат дека се носители на македонската традиција и посебност. Сите заедно треба да врескаат против неправдите кои ѝ се случуваат на оваа малечка и мирољубива земја.

Како заклучок, мора да разбереме дека ние сме главниот играч во играта наречена „држава“. Дека тајната е во нашето активно политичко учество, политичкиот интерес и интегритет. Мора да разбереме дека демократијата и слободите се кревки, дека мора активно да се гаат и чуваат зошто лесно се губат. Со нашата пасивност, неизлегување на избори и протести, безначајно празнење на социјалните мрежи, само им помагаме на оние желни за моќ, контрола и власт врз нашите животи. Им помагаме тие да одлучуваат во наше име, наместо ние да одлучуваме за самите себе. Со нашата политичка апатичност и незаинтересираност не се бориме за своите правдини, а со тоа му покажуваме на целиот свет дека самите себеси не се цениме и дека сме безвредни. А не сме!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.