Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска изјави дека Обвинителството работи на обезбедување на докази за смртта на шестгодишното девојче кое почина во битолската Болница.

Одговарајќи на новинарски прашања, Јовески посочи дека сеуште ги немаат добиено резултатите од обдукцијата, но дека се сослушани повеќе лица за кои Обвинителството смета дека имаат сознанија да помогнат во расветлување на овој случај.

Јавниот обвинител од надлежното Обвинителство во Битола ги презема неопходните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето. Се уште протоколот од извршената обдукција Обвинителството не го добило. Во исто време Обвинителството работи на обезбедување и на други докази, рече Јовески по потпишувањето на меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи.

На протест пред Министерството за здравство вчеравечер беа побарани одговори за смртта на шестогодишната Јана Христовска која почина минатата недела во Клиничката болница во Битола.

(фото: МИА)

Учесниците на мирниот протест побараа, како што наведоа „Правда за Јана“ и „одговорно Министерството за здравство“.Порачаа дека е „доста од нефункционалноста, партизацијата, лошите услови во здравствениот систем и префрлањето вината кај пациентите“.

Тука сме затоа што бараме правда за секој обичен граѓанин. Мораме да бидеме слушнати. Смртта не доаѓа според закон, прописи и протоколи. Јана е од нешто отидена. Бараме да откриеме зошто е тоа така. Ако родителите велат дека детето било здраво, право, ако има некоја индикација дека имало претходни проблеми информирајте ја јавноста. Вака само се потресуваат луѓе. Тука доаѓаат и мајки коишто имаат и други здравствени проблеми и коишто шетаат низ истите лавиринти и не знаат што уште ќе им се случи, изјави Татјана Стојановска, граѓански активист.

Потребна е, додаде, здравствена сигурност и правда.

Се чувствувам многу излажана во однос на сите реформи коишто беа ветени, за коишто сме се бореле, а не сме добиле ништо. Искрено ова место ме потсеќа токму на Тамара и знам како заврши сето тоа и не сакам да се случи истото со Јана. Затоа и ги поддржуваме битолчани. Се надевам дека ќе направат навистина добар протест, односно ќе дигнат глас да добијат одговор зошто и како ова се случува, порача Стојановска.

(фото: МИА)

Според учесниците на протетсот, има многу неодговорени прашања.

Јас сум мајка на девојка со ретка болест која во државата една деценија е лечена и дијагностицирана со грешна дијагноза. Тука дојдов да дадам поддршка за родителите на Јана, не да ги обвиниме лекарите, туку да ја дознаеме вистината. Како настанала смрттта на ова девојче за само четири часа кое на нозе одело до болницата. Мене не ми е јасно јас имам неколку неодговорени прашања кои ме мачат неколку дена и сум крајно вознемирена и исплашена да однесам сега дете во државно здравство, рече во изјава за медиумите учесничка на протестот.

Организаторите претходно преку објава на социјалните мрежи ги повикаа граѓаните да се приклучат на протестот кој освен во Скопје се одржа и на плоштадот „Манголија” во Битола.

Таму во траорна атмосфера, со многу солзи и тага, битолчани протестираа за поддршка на родителите на малата Јана и побараа целосно да се открие вистината за смртта на девојчето мое минатата недела почина по примена инфузија во битолската болница.

(фото: фејсбук-група Правда за Јана)

Граѓаните носеа транспаренти: „битолска болница селска амбуланта“ ; „Ако немаш пријател умри си“, како и маички со ликот на Јана. Порачаа никогаш и никому да не се повтори.

Шестгодишната Јана почина на 22 март во битолската клиничка болница само неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање. Нејзините родители се сомневаат дека девојчето не било соодветно третирано и велат дека и покрај покачениот шеќер во крвта, примало инфузија со гликоза по што шеќерот се покачил на 19.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.