„Ако на обвинителката ова и се случи, што ќе ни се случи нас“, вака велеле сведоци што требало да дадат исказ во предметот против поранешниот директор на Финансова полиција, Арефат Муреми, тврди поранешната шефица на обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска.

Не знам до каде е предметот, како што имам информации од колешката многу од луѓето повикани да дадат искази, се плашат. Јас бев суспендирана во вторник, за во петок имав закажано искази, но луѓето се апсолутно заплашени со ова да дојдат и да дадат исказ. По ова што мене ми се случи е обесхрабрувачко за сите обвинители. Секој еден обвинител со право ќе се запраша ако добие предмет во кој е пријавен трет братучед на функционер, дали да постапува или не – вели Русковска.

Во врска со мобилните телефони на Муареми, кои биле побарани на претресот кој бил извршен по барање на Русковска, а за кои поранешниот директор на Финансова рекол дека ги изгубил, Русковска откри уште еден детаљ.

Додека траеше претресот бев во комуникација со истражителите. Кога дошле тогашниот директор не бил на работа, кога дошол и му ги покажале наредбите за претрес и кажал на секретарката да му ѕвони на републичкиот обвинител, секретарката го немала, му се јавиле на Гаврил Бубевски. Значи прв со кого исконтактирал е републикиот јавен обвинител. Ова е според истражителите. Доколку не е точно, однапред се извинувам да не се најдам пред судови, но така ми кажаа истражителите – рече Русковска во Топ Тема на Телма.

Таа рече дека нема комуникација со Јовески откако почнала постапката против неа.

Во врска со кривичната пријава која Муареми ја поднел против неа, Русковска очекува дека нема да се одлучи по предметот додека трае дисциплинската постапка против неа.

Јас отворено му реков на Гаврил Бубевски, доколку сметате дека сум направила кривично дело поднесете обвинение. Или донесете решение за затворање на предметот. Не се мешам тоа е нивна одлука, но недозволиво е по толку време да нема одлука. Се води кривича постапка против мене и ако сакам да излезам од државата, може да ме уапсат и да кажат дека сакам да бега. Не можам на викенд некаде да отидам – рече таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.