Јанушев: Продолжува политичкиот прогон, покренато е обвинение без никакви докази и спротивно на законот и првично мислење на Врховен

Политичкиот прогон продолжува. Имаме истрага која е водена речиси 4 години спротивно на Закон за обвинителство, спротивно на начелно мислење на Врховен суд, постапка која е отворена 10 ноември 2018 година, а обвинителен акт е подигнат на 30 јуни 2021, значи истрагата е водена 3 години, 8 месеци и 19 дена, а согласно законот и начелното прво мислење на Врховен суд истрага може да се води 6 месеци или за комплексни случаи 12 или 16 месеци, изјави Игор Јанушев пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, по денешното судење за случајот „Дизајн“.

Јанушев потенцираше дека процедурално се прекршени сите норми, но тоа очигледно не ги интересира ниту обвинителството ниту судот.

– Овде немаме предмет каде што има нешто украдено, не станува збор за предмет дека некој рекетирал некого како што видовме дека има рекет од премиер, специјално јавно обвинителство и сите останати, овде нема ни криминал и корупција, туку не обвинуваат дека сме се договориле да фаворизираме некого кого не сме го знаеле, рече Јанушев.

Тој додаде дека нема никаков доказ како е извршено дејството, како се договорале и на кој начин го направиле.

– Она што исто така индикативно е дека СЈО отворило случај без т.н. бомба, односно единствената надлежност која СЈО ја имаше е да отвори постапки доколку имаше индиции од прислушкуваните разговори, а овде не псотои такво нешто. Овде гледаме уцени, закани и крајно пазарџиски и компромитирачки начин на обвинителството да влијае на сите со цел да се оцрни и ВМРО-ДПМНЕ. Јас не ја прифаќам таа игра и ќе докажам на суд дека она што е наведено во обвинението во кое практично ништо не е наведено, дека ќе резултира со вистината и правото на виделина, истакна Јанушев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.