Многу скоро ќе направиме ревизија на легалното работење на бројни универзитети и како што секогаш сум истакнувала, тие што работат спротивно на Законот, нема да можат да постојат и понатаму, додека тие што работат легално и продуцираат квалитетен кадар да не се плашат и понатаму ќе можат да работат.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во интервју за МРТВ, напоменувајќи дека треба да се направи модернизација на студиските програми.
Но, она што е горлив проблем во државата се премногу факултети, премногу универзитети и премногу студиски програми со многу малку студенти, додаде Јаневска.
Говорејќи за проблемот со изградбата на објектот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Јаневска напомена дека претходната власт, иако имала изградена зграда, не вложила ништо за нејзината финализација, ниту пак вложила да го заштити објектот од пропаѓање.
На состанокот со Деканот на ФИНКИ, размислувавме за неколку можни решенија и можам да кажам дека процедурите се во тек. Се водат разговори и преговори со други институции, каде што привремено би можеле да бидат сместени студентите од ФИНКИ.
Струката е многу барана, истакна Јаневска, напоменувајќи дека треба да се размислува и на тоа дека вештачката интелигенција полека ќе го заземе својот простор, како на ФИНКИ, така и на други факултети, за што во најскоро време ќе се реализира анализа на пазарот на трудот, по што и најверојатно ќе следи и редукција на квотите на одредени факултети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.