Медиумска писменост е моќен сојузник во борбата против лажните вести и дезинформациите. Тие пак, се особено честа појава на глобалниот интернет простор каде со примена на вештачката интелигенција се креираат сé пософистицирани содржини и важно е граѓаните да поседуваат вештини за нивно препознавање, за разликување факти од фикција, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето на Националната конференција „Медиумската писменост во образованието“.
Со образованието за медиумска писменост, учениците стекнуваат вештини критички да ги анализираат содржините што ги добиваат од различни извори, да ги разбираат соодветно на контекстот, да ги поврзуваат со други информации и да бидат во состојба да го проценат нивниот квалитет и како резултат на тоа самостојно да носат одлуки и судови базирани на факти, нагласи Јаневска.
Медиумската писменост во наставните програми од основното образование е вклучена на различни начини.
Медиумската писменост се изучува како посебна тема во наставната програма по мајчин јазик – македонски, албански, турски, српски и босански. Другиот начин е интегрирање на медиумската писменост со останатите теми и подрачја, со цел да им се овозможи на учениците да ги поврзат знаењата од различните области во една целина. Таа може да се користи како алатка за реализација на одделни активности во речиси сите наставни предмети, во различни одделенија. Исто така, одделни аспекти од медиумската писменост може продлабочено да се изучуваат преку слободните изборни предмети од четврто до деветто одделение“, посочи министерката Јаневска, додавајќи дека преку соодветни обуки е предвидено и јакнење на компетенциите на наставниците.
Денешната Национална конференција е организирана во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведуваат ИРЕКС и локалните партнери Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, универзитетите и младинските клубови.
Министерката Јаневска им изрази благодарност на сите организации, институции и поединци што како дел од проектот им овозможуваат на децата и младите медиумски да се описменат, со што придонесуваат кон градење отпорно граѓанско општество со демократски потенцијал.
Изрази уверување дека презентацијата на резултатите од досегашната имплементација на медиумската писменост од прво до деветто одделение и најавените чекори за нејзино воведување во средното образование ќе значат натамошно подобрување на нашиот образовен систем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.