МЗШВ и АХВ свесно пуштиле во промет зеленчук во кое има присуство на пестициди, обвини Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство во ВМРО-ДПМНЕ, кој на деншната прес-конференција објави уште четири извештаи за направена анализа на зеленчук пристигнат и влезен во Македонија.

Станува збор за млад кромид и пиперка кои влегле во  Македонија и веќе се наоѓаат на пазарите ширум земјата.

Првите два извештаи направени во ДФЛ потврдуваат дека во анализите на млад кромид е детектиран недозволиво присуство на пестициди и овие два извештаи се архивирани под арховски број 10802-295/2 и 10802-296/2 од 22/05/2023 година. Третиот и четвртиот извештај исто така издаден од ДФЛ се однесува на анализа направена на пиперка во која исто така е откриено недозволиво количество на остатоци од пестициди и овие два извештаи во интерес на вистината се со печат на министерството и архивирани под архивски број 10802-373/2 од 17/05/2023 и 10802-493/2 од 26/05/2023 година, објави Трипуновски додавајќи дека овие четири документи се јасен доказ дека во промет е пуштен зеленчук кој е крајно небезбеден и отровен.

И наместо веднаш да се реагира, посочува Трипуновски, АХВ праќа паушални соопштенија и се обидува да ја замајува јавноста.

Чиј бил интересот и колку може да биде забегана една влада свесно да пушта граѓаните да јадат небезбедна и отровна храна? Власта е најодговорна за тоа што денеска граѓаните консумираат штетна храна. И оваа тема не познава ниту верска, етничка, а најмалку политичка припадност. Оваа тема ги засега сите подеднакво, од најмалите до највозрасните. Николовски и Бабовски се главните виновници за овој голем скандал. Им порачувам на АХВ и МЗШВ наместо да демантираат, веднаш да реагираат, а Бабовски и Николовски да си поднесат неотповикливи оставки од своите позиции. За ова во демократските земји паѓаат цели влади. Воедно уште еднаш апелирам ЈО да не глуми ненадлежно и веднаш да реагира по допрен глас. Одговорност за ова мора да има!, порача Трипуновски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.