Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, вели дека со законот за потекло на имот треба да се овозможи граѓаните да се заштитат од притисоци од функционери кои ќе бараат од нив имотот да го стават на нивно име.
Ивановска во гостување на ТВ Сител посочи дека веќе е направена драфт-верзијата на законот за потекло на имотната состојба на функционери и оти понатаму сѐ зависи од расположението на пратениците во Собранието. Но, како што посочи Ивановска, она што ДКСК го заговараше и сакаше да го постигне како цел со овој закон, не е предвидено децидно во законот, а тоа е неговата превентивна улога – граѓаните треба да се заштитат од притисоци од функционери кои што ќе бараат од нив имотот да го стават на нивно име.
Ивановска посочи дека треба да се опфати тој дел, потенцирајќи дека ДКСК е против прагот од 30 илјади евра, бидејќи според неа, познавајќи го нашиот менталитет, секој ќе има имот под 29.900 и нема да може да се запленува.
Едно е да се подготви, а втората фаза во Собранието не можам да кажам. Знаете како е во Собранието. Пред се, зависи од расположението на пратениците и чии интереси тие ќе застапуваат. Затоа што најголемите пречки, односно оние кои се најмногу против донесување на овој закон со образложение дека има се во другите закони, не дека нема, но факт е дека не се применуваат и другите закони како што треба, се оние кои баш и не сакаат многу да кажат од каде им е имотот – изјави Ивановска.
Прашана дали смета дека треба со законски измени да се воведе пракса секој кој презема јавна функција да поднесува изјави за непромена на имотната состојба, Ивановска изјави дека не гледа целисходност од такво нешто.
Сметам дека проблемот е поголем. Изјавите од тој тип не ја гледам целисходноста. Од каде ќе знаеме што ќе ни се случи. А изјавите ќе си дојдат сами по себе. Ќе се споредат податоците. И не дека изјавата е некаква гаранција. Проблемот е поголем. Може да даде десет изјави дека нема промена во имотната состојба и да го препише имотот на некој друг. Ние затоа и го баравме и законот за потекло на имот. Тоа е првиот ризик. Јас знам функционери кои што имаат имоти, а не ги пријавуваат во нивно име, бидејќи се напишани во друго име. Затоа, ние бараме секој граѓанин да се искаже од каде му е имотот. Во тој случај, тие луѓе што не се службени лица или функционери, многу лесно ќе им биде да ги одбијат таканаречените пријатели кои што ќе побараат во нивно име да биде запишан имотот – изјави Ивановска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.