Во бугарското Народно собрание постојат три предлози за нацрт-одлука по предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокада на европската перспектива на Македонија, кои се поднесени од партиите Демократска Бугарија (ДБ), Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Движењето за права и слободи (ДПС), изјави за МИА копретседавачот на ДБ, Христо Иванов.
– Се надеваме дека прашањето денеска ќе биде разгледано во собраниската Комисија за надворешна политика и утре или најдоцна в понеделник предлогот ќе биде одобрен од Народното собрание на пленарна седница, вели Иванов во изјавата за дописникот на МИА од Софија, без да прецизира детали за трите предлога.
Според него, по завршувањето на целата процедурата, бугарскиот премиер Кирил Петков ќе добие мандат од Народното собрание „да гласа во Брисел за прифаќање на предлогот на француското претседателство и за одржување првата меѓувладина конференција“ на Македонија со ЕУ.
Иванов смета дека се ќе зависи од билатералниот протокол, кој треба да го потпишат министерствата за надворешни работи на Бугарија и Македонија, со што, според него, тој би станал дел од преговарачката рамка.
ГЕРБ го услови учеството на неговите пратеници на редовното заседание на Народното собрание на Бугарија, само доколку се прифати барањето на партијата да биде разгледан предлогот на француското претседателство со ЕУ за преговорите со Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.