На денешната 129. собраниска седница, меѓу точките на дневниот ред се Предлогот за интерпелација за работата на државниот обвинител Љубомир Јовески, поднесен од пратеници од опозицијата, како и Предлогот за избор на член на Државната изборна комисија

Интерпелацијата на Јовески е ставена како 13-та точка на дневниот ред на седницата.

Предлагачите на интерпелацијата објавена на собраниската веб страна – Африм Гаши, Изет Меџити, Кастриот Реџепи, Мерита Колчи Коџаџику, Сафије Садики Шаини, Фадил Зендели и Хусни Исмаили посочуваат дека таа се засновува на сериозните тврдења дека од страна на Обвинителството се сокриле факти и информации во текот на целата постапка, се покренува обвинение за трети лица наместо да се утврдат главните виновници, со цел, како што велат, да бидат заштитени одредени политичари и припадници на бизнис елитите, кои што биле вклучени во изградбата на модуларните болници за време на пандемијата.

Доколку јавниот обвинител не го докаже спротивното, дека не се сокриени факти и дека не е извршено влијание врз постапка за политички и лични цели, тогаш овие сериозни нарушувања сносат одговорности, се вели во предложената интерпелација за работата на државниот обвинител Љубомир Јовески.

На истата седница како 15-та точка е ставена и Предлог одлуката за огласување избор на член на Државната изборна комисија. По именувањето на Кренар Лога за министер за правда се испразни едно место во ДИК кое треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.

Пратениците ќе расправаат и за Предлог одлуката за објавување на јавен оглас за избор на претседател и членови на Антикорупциската комисија, чиј мандат истекува во февруари.

На дневен ред на денешната седница се и Предлог на одлуката за именување член на Комисијата на Агенцијата за пошти, Предлог на одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Советот за статистика на Република Македонија, Предлог на одлуката за именување на претседател и член на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Предлог на одлуката за именување на член на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Предлог на одлуката за именување на претседател и членови на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Предлог на одлуката за разрешување член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република  Македонија, Предлог на одлуката за објавување на јавен оглас за именување на директор на Агенцијата за квалитет во високото образование, Предлог на одлуката за објавување јавен оглас за именување членови на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации,…и други предлог-одлуки.

На оваа седница пратениците ќе расправаат и за предлог одлуките за именување на претседател и членови на одборите за доделување на државните награди „Мајка Тереза”, „Св. Климент Охридски”, „Мито Хаџи Василев Јасмин”, „22 Ноември”, „Мето Јовановски”, како и на државната награда „23 Октомври”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.