Ден потоа се одржа состанокот на Советот на ЕУ по пат на пишана процедура без одржување состанок со физичко присуство, на кој беа усвоени следните документи: Заклучоците на Советот на ЕУ за Македонија; Заедничката позиција на ЕУ за Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Македонија во Европската Унија; Општата позиција на ЕУ (Изјавата на ЕУ за отворање на МВК; Преговарачката рамка и Практичните аранжмани) за пристапните преговори со Македонија; Процедурите за пристапните преговори со Македонија (интерни аранжмани) и Декларација на Советот на ЕУ (поврзана со едностраната изјава на Бугарија за македонскиот јазик, со што се нотира позицијата на Бугарија).
Од анализата на сите овие документи произлегува дека Преговарачката рамка е одобрена, но од формално-правен аспект не е и официјализирана. За да се заокружи процесот на отворање на Меѓувладина конференција е потребно комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори со Македонија, а тоа значи дека Македонија треба да ги исполни сите предуслови за одржување на втората Меѓувладина конференција за да се комплетира процесот на официјално отворање на пристапните преговори.
А тоа, освен уставните измени, значи и прашањата од историјата што ги отвори Бугарија, измени во програмите по историја, нови учебници, натписите на некои споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост. Рокот за ова е две години.
„Земајќи го предвид процесот на правење вакви суштински измени, овој утврден рок е прекраток и може да доведе до заобиколување на одредени институции кои не се под капата на Владата или нивно потиснување поради запазување на рокот. Исто така, не е утврден начин на кој двете страни ќе се информираат за ваквите измени кои можат да опфаќаат различни методи и пристапи кон истата проблематика. Ова може да доведе до различни периоди потребни за имплементација на истото нешто во двете држави.
Иако не е експлицитно напомнат, Акцискиот план за заштита на правата на припадниците на (сите) малцинствата или заедниците (и на бугарското), вклучително, меѓу другото, на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование, како и воспоставување на ефективни мерки, механизми за известување и идентификување на соодветните одговорни институции ќе биде од круцијално значење за напредок/динамизирање на процесот. Овој акциски план ќе биде прилог кон Патоказот за владеење на правото кои ги опфаќа поглавјата 23 и 24“, се вели во анализата на Институтот за демократија во која се напоменува и на нерамноправноста и асиметријата што постои во процесот во однос на преземените обврски на Македонија и на оние на Бугарија.
Во однос на барањето за рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период, Македонија презема обврска за создавањето на сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 година. Дилемата што се појавува е врз основа на кои меѓународни пракси и стандарди ќе се утврдува исполнувањето на оваа обврска.
„Темата за историјата е столбот на кој се потпираат сите билатерални барања на Република Бугарија кон Македонија, и од кој извираат недоразбирањата, вклучително и негирањето на македонскиот јазик и етногенезата на македонскиот народ. Согласно со Протоколот, државите ќе ги објават на интернет страниците на двете влади сите веќе усвоени препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, во рок од еден месец. Ако ова е договорената пракса, дали е тоа направено и во чиј интерес е нивното необјавување е прашање кое треба да се постави на двете влади“, тврдат претставниците на Институтот за демократија.
Транспарентноста во билатералните односи меѓу двете држави е во целосна корист за македонската страна и на тоа треба да се инсистира по секоја цена.
„Во овој дел интересна е едностраната обврската на Владата на Македонија да достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на Република Македонија на тема Самоилова држава. Навидум едноставна обврска која не би требало да предизвика никакви проблеми. Но, се работи за специфична тема за која има несогласувања меѓу двете држави, а исто така е интересно и е избегнувањето на специфичното поимање на учебникот. Обврската на конкретна тема Самоил може да наметне притисок за наоѓање на решение по секоја цена. Од друга страна, зборот подготовката во реченицата која се однесува на доставувањето на урнекот најавува т.е може да претставува воспоставување на одреден преседан кој ќе биде применуван во иднина. Ако читањето на оваа обврска оди во оваа насока, тогаш ова треба да биде институционално и правно регулирано имајќи предвид дека вакви интервенции ќе бидат барани од бугарската страна во повеќе наврати во процесот на европска интеграција. Препораките на заедничката Комисија имаат смисла само доколку се дефинирани и усогласени со заемно разбирање и согласност и имаат влијание на образовните програми од двете страни, реципрочно“, пишува во анализата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.