Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски денеска изјави дека инспекциски служби ќе проверуваат во градинките каде нема вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината и ќе интервенираат, за да се спречи епидемија на голема кашлица.
Од Комисијата за заразни болести има заклучоци и истите треба да бидат одобрени на владина седница. И во закон стои дека секое дете кое што нема примено одредена вакцина не ќе може да биде дел од системот на детска заштита. Ќе ги провериме градинките и нашите инспекциски служби ќе видат каде треба да интервенираме за тоа да биде пракса и за да го спречиме ширењето на оваа епидемија, барем во Скопје како жариште во овој момент, рече Велковски.
По 18 потврдени случаи на голема кашлица, Комисијата за заразни болести вчера препорача прогласување епидемија во Скопје. Во изминатите денови бројот расте, особено на територија на град Скопје, каде се потврдени 14 случаи.
Се предлага вакциналните пунктови да работат во две смени, а дополнително да се работи и во сабота. Препорака е и да се забрани прием на невакцинирани деца за пертусис во градинките.
Комисијата очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација, бидејќи фокусот е заштита на најмалите.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски вчера на прес-конференција рече дека прогласувањето на епидемија звучи малку страшно, но, дека реално треба да се олесни справувањето со ризикот што доаѓа со оваа болест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.