Денеска ја добивме првостепената пресуда. Ова партизирано октроирано судство и обвинителство решило да го суди ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, тоа не го суди ВМРО-ДПМНЕ туку го суди македонскиот народ, ја суди Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски, во однос на денешната судска одлука за предметот, така наречен, Талир2.
После изјавата по средбата со комесарот за проширување на Европската унија, Оливер Вархеј во Охрид одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски истакна дека во овие триесет години независниста на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ поминало низ многу премрежија, така ќе го помине и ова, бидејќи имотот, за кој се побара конфискација, не е ВМРО туку народот е ВМРО и ова партизираното и октроирано судство и обвинителство на СДСМ и ДУИ не го суди ВМРО-ДПМНЕ, туку Македонија и македонскиот народ.
ВМРО-ДПМНЕ поминало многу премрежја во овие 30 години, ВМРО поминало многу премрежја во овие децении, така и ова ќе го поминеме. Имотот не е ВМРО-ДПМНЕ, имотот не е ВМРО, народот е ВМРО. Уште една се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената пречка за разнебитување на македонскиот идентитет и македонската држава од овие, би рекол, октроирани партизирани судии и обвинители на СДСМ и ДУИ. Ние ќе продолжиме да ја бараме правдата, ќе се бориме, нема да се повлечеме. Ако некој мисли дека ВМРО-ДПМНЕ оваа пресуда ќе го обесхрабри, се лаже. Ова само дополнително ќе не мотивира да дојдеме до правдата и нашата борба да ја ослободиме Македонија од овие криминални политичари, да го ослободиме обвинителството и судството од закани, притисоци и од стегите, ќе продолжи. Ќе повторам уште еднаш, ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО не е имотот, ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО е народот на Македонија и самата Македонија. Продолжуваме да се бориме се додека конечно не ја добиеме правдата – рече Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.