Власта на ДУИ и СДСМ е одговорна за целокупниот распад на системот кој се случува во Македонија, дури и една институција како АРМ ја тресат сериозни скандали, велат од ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека освен корупцијата во македонската армија постои секс скандал, односно злоупотреба на службената позиција и сексуално малтретирање на офицерки и воени лица од страна на високи офицери.
Кај едно од лицата во министерството за одбрана кои биле осомничени за корупција, во телефонот на уапсено лице се пронајдени докази односно постојат фото и фоно записи со кои се потврдува злоупотребата за службената позиција од страна на генерал и полковник. Но да биде уште пострашно овој скандал се криел, а искуството вели дека кога власта на ДУИ и СДС нешто крие, тогаш има намера и да го забошоти. Дека е тоа така говори и фактот што никој од АРМ и од Министерството за одбрана, вклучително и министерката Славјанка Петровска, не го известиле Стево Пендаровски, кој формално правно е врховен командант. Фатена во небрано Петровска призна дека постои скандалот и рече дека го пријавила некаде, но сепак според тврдењата на Пендаровски не го информирала врховниот командант, открива ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека ова е сериозен удар за АРМ како институција, но и целокупниот систем на одбраната.
Овој скандал покажува дека освен што постојат злоупотреби, има и целосно отсуство на комуникација меѓу надлежните институции, што можеби е тенденциозно за да може некои работи да се сокриваат под тепих. И овој скандал, како и илјадниците други, доколку не се истражат и процесуираат сега, ќе бидат предмет на обработка после промената на власта. Секој што е вмешан и што учествувал во прикривање на вакви скандали на сексуална злоупотреба и корупција ќе одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.