Политичкиот аналитичар Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, денеска е дел од протестите пред Владата со кои граѓаните велат НЕ за штетниот француски предлог.
Пред неколку дена тој порача дека сега сме во прилично безизлезна ситуација затоа што Бугарија веќе го прифати францускиот предлог и ги дополни условите со четири нови барања, кои може да се очекува дека ќе бидат вградени вградени во конечната верзија на предлогот.
Таа конечна верзија би требало да ни биде доставена на разгледување и прифаќање, бидејќи тешко дека ќе можеме да бараме интервенции во неа откако е усогласена и усвоена од земјите-членки. Но, што со тоа, кога ние веќе и официјално со изјавата на премиерот Димитар Ковачевски во Брисел ја отфрливме уште во изворната форма, а не пак со новите барања. Дополнително, јавната и прилично сеопфатна осуда и одбивање на предлогот не дава надеж за некакво продолжување на процесот, особено не во догледно време, или како што и некои европски аналитичари и новинари констатираа – Бугарија навидум го подигна ветото, но всушност го засили со вградување на своите услови во преговарачката рамка и со дополнителните барања од Парламентот, рече Кржаловски за „Слободен печат“.
Кржаловски вели дека единствена мала можност, ако воопшто е можност, гледа во интерпретацијата на некои од познавачите на пристапниот процес, кои се малцинство, дека во самата рамка и нема одредби кои се целосно неприфатливи за нас или се истоветно или слично формулирани и во други случаи, како на пример во Србија или Црна Гора, а проблемот е единствено во т.н. протокол, кој е билатерален документ меѓу Бугарија и Македонија.
Протоколот се уште не е усогласен меѓу двете земји. Логиката е дека се што не ни се допаѓа треба допрва да го испреговараме со Бугарија, но и во тој случај не гледам многу простор за напредок, бидејќи во новонастанатава ситуација Бугарија има уште помалку причини да биде попустлива. Веројатно ги чекаат и нови избори, па и ќе нема кој да преговара. Се на се, слично на ситуацијата со Преспа, а и како што веќе неколку колумнисти аргументираа, ќе ни остане изборот да „земеме или оставиме“. Аргументите да „земеме“ се дека понатаму ќе дојдат само полоши предлози. Огромно мнозинство се да „оставиме“, со аргументи дека ова е преседан, малтретирање, па и булинг од Бугарија, дека прифаќањето е недостоинствено и против нашите национални интереси, со несогледливи последици од ломови во општеството, вели Кржаловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.