По барање на македонските власти, во Словенија е уапсен и сместен во екстрадициски притвор Даниел Иванагиќ, хрватски државјанин и косопственик на компанијата Интерхолдинг, вмешана во случајот со поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири.

Како што објави Еспресо.мк, се чека одлука за екстрадиција на Иванагиќ во Македонија.

Меѓутоа, откако на Зекири му е одреден куќен притвор од здравствени причини, откако речиси еден месец беше на Инфективната клиника во Скопје поради труење, одбраната на Иванагиќ се обидува да ја спречи екстрадицијата, повикувајќи се на извештаите за лошите услови во македонските затвори, пишува Еспресо.

Иванагиќ е осомничен за помагање на Зеќири во наводната злоупотреба на службената положба и овластувања при изработката на студија за реструктуирање на Македонска пошта. Зеќири негира дека во овој случај има каква било злоупотреба на службената положба.

Обвинителството сѐ уште работи на прибирање на доказите и чека на исказите на Иванагиќ.

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 8 април соопшти дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против двајца хрватски државјани и против, тогаш генералниот секретар на Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.