Портпаролите на Владата на Република Македонија, Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната прес-конференција информираа за донесените одлуки и заклучоци од 52-тата седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.
На оваа прес-конференција портпаролите се осврнаа и на вчерашната Одлука на Владата за посебни услови за трговија на одделни стоки, со која се определува највисоката трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало.
Според Одлуката, која стапува на сила од денес, за леб бел-сечен на парчиња или цел, за бел шеќер како и за сончогледово масло за јадење, со исклучок на ладно цеденото, се утврдува трговска маржа во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало.
За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, за макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, за трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и за јајца од кокошка, за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец, се утврдува трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.
Оваа одлука на Владата за замрзнување на маржата на одредени производи која има за цел да го заштити стандардот на граѓаните, е со важност до 30 септември 2022 година, со можност да продолжи до крајот на годината доколку условите на пазарот со цените тоа го бара.
Портпаролите информираа дека Владата на вчерашната седница донесе одлука за распишување на уште два нови јавни огласи за доделување државно земјоделско земјиште над 3 хектари. На располагање на земјоделците се ставаат вкупно 3.769 хектари државно земјоделско земјиште. Едниот јавен оглас е за одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна за период до 15 години. Вкупната површина за овој оглас е 529 хектари, во десет региони: Берово, Виница, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кочани, Неготино, Свети Николе, Радовиш и Штип.
Другиот јавен оглас за давање под закуп на земјоделско земјиште над три хектари е за подигнување на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) за оранжерии, насади со лешник, маслинарници, поставување на пчелни семејства, рибници и друго. Вкупната површина за овој јавен оглас е 3.240 хектари, во 22 региони: Берово, Валандово, Виница, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Кочани, Куманово, Кавадарци, Неготино, Струга, Струмица, Охрид, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Велес, Штип и Чаир.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и подрачните единици на министерството се отворени за сите детални информации за аплицирање на огласите.
Овие јавни огласи, како што посочија, се дел од мерките кои Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги презема за поддршка на земјоделците и зголемување на домашното производство на земјоделско-прехранбени производи. Огласите се дел од Националниот план за производство на храна, а целта е секоја педа обработливо земјоделско земјиште да биде ставена во функција на производство на храна.
Портпаролите информираа дека Владата на вчерашната седница донесе и решение за распуштање на Советот на Општина Тетово согласно исполнувањето на еден од условите во членот 75 од Законот за локална самоуправа, според кој општинските совети ќе бидат распуштени доколку не ја донесат завршната сметка и буџетот до 31 март, како што е предвидено со законската одредба.
За ова решение, согласно законот, Владата ќе го извести Собранието на Република Македонија по што ќе следува спроведување на постапката за организирање вонредни избори за Советот на Општина Тетово согласно законските одредби.
На прашањето дали Владата го наруши рокот за распуштање на Советот на Општина Тетово, портпаролите информираа дека сите законски рокови и процедури се испочитувани и дека на вчерашната седница на Владата е донесена одлука за распуштање на Советот на Општина Тетово. Понатаму, како што информираа, процедурата продолжува во Собранието и според сите законски одредби ќе бидат организирани предвремени избори за Советот на оваа општина.
На медиумскиот интерес дали Владата ќе одговори барањето на ССМ за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор и задолжителна исплата на регрес за годишен одмор од следната година, портпаролите информираа дека Владата на Република Македонија донесе одлука со која е формирано тело за помирување. Во Одборот за помирување членови се заменик- претседателот на Влада задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити. Како што беше напоменато, дијалогот со ССМ никогаш не бил прекинат и продолжуваат и разговорите со гранковите синдикати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.