Не е тајна дека Бугарија преку обидите за промена на историјата и потеклото на македонскиот јазик и нација, и во минатото, и сега и во иднина ќе настојува од Македонија да создаде втора Бугарска држава на Балканот, пишува на својот фејсбук профил Никола Груевски.

Не им е проблем граѓаните да се нарекуваат Македонци во иднина а јазикот македонски, доколку се прифати дека до 2.август 1944 година Македонците биле Бугари кои говореле бугарски јазик, историјата им била бугарска и доколку се прифати дека потоа со политичка интервенција, прогон и тортура во СФРЈ, нацијата се преименувала од Бугари во Македонци а јазикот и историјата од бугарски во македонски.

Македонско малцинство во Бугарија не може да се прифати бидејќи би противречело на оваа цел. Бугарско малцинство во Македонија во минатото не беше посакувано од Бугарија како уставна категорија, но сега се сменети плановите, бидејќи очигледно се цени дека уставната присутност би помогнала во полесна и побрза промена кон посакуваното, посебно ако се има контрола над учебниците по историја во училиштата и на универзитетите, книгите на македонските научни работници-историчари кои во иднина ќе се пишуваат, документарните и играни филмови и серии кои би се снимале, како и секојдневното пишување на македонските медиуми контролирано преку формата наречена “говор на омрза” за она што нема да се чуствува дека е во служба на зацртаната кауза, и сето ова заедно ставено и формално под контрола преку процесот на зачленување на Македонија во ЕУ.

Целите се долгорочни каков што ќе биде и долг процесот на зачленување во ЕУ.

дали ова ќе се реализира или не, ќе зависи во голема мера од македонскиот народ но и од политичките елити во Македонија и нивното единство по националните прашања, политиките кои ќе ги водат, нивната независност во спроведување на политиките, подготвеноста за ризици и притисоци, умешноста на дипломатијата и меѓународните партнерства и сојузништвата.

Во моментот со последните одлуки на Владата и Парламентот создадени се мошне солидни предуслови за реализација на тој план на Бугарија, но повторно, најмногу ќе зависи од народот и политичарите.

Во минатото, до Мај 2017 година “Договорот за пријателство” не можеше да се договори и потпише токму заради обидите на македонската влада да ги елиминира ваквите предуслови во текстот на тој договор кој е основа за документите усогласени и прифатени во текот на овој месец.

Не е точна тезата дека македонскиот народ никој досега не успеал да го асимилира, па нема да може ни од сега. Оние кои барем малку познаваат историја знаат дека низ последните 100-150 години милиони Македонци се асимилирани од Бугарија, Грција, Србија, Османлиската Империја, а дел од нив и низ светот (се разбира не сите) како македонска емиграција. Ова се природни и политички процеси што насекаде се случуваат и ова што се однесува до асимилацијата на Македонците е историски потврдено и го знае секој еден кој прочитал барем три книги за историјата на македонскиот народ.

точно е дека и без документите и одлуките од месец јули, Бугарија како земја членка на ЕУ можеше да го проблематизира зачленувањето на Македонија во ЕУ за да ги оствари овие цели.

Но, ќе се судреше со многу земји внатре во ЕУ бидејќи тоа ќе го правеше без основа, а тие на принципиелна основа ќе можеа да реагираат. Сега, создадена е основа, и притисокот врз Бугарија од другите земји членки на ЕУ и од САД, а во корист на Македонија, би одел многу потешко и со помалку аргументи.

точно е дека ниту една земја до сега не го загубила својот идентитет во процесот на зачленувањето во ЕУ. Но, точно е и дека досега на ниту една земја не и биле поставени вакви услови како што сега и се поставени на Македонија преку прифатените документи овој месец.

Членството во ЕУ треба да остане во фокусот на секоја влада на Македонија сега и во иднина, но со последните одлуки на власта се создадоа предуслови и за огромни други ризици од национален карактер, кои ќе бараат многу повеќе напор и внимателност во иднина и кои може да се основ за нови блокади на патот на членството во ЕУ.

Не можеме да ја обвиниме ЕУ или Франција за нејзиниот предлог, бидејќи токму владата преку нејзини преставници, пред повеќе месеци официјално побара од ЕУ да го превземе решавањето на проблемот, односно спорот меѓу нејзината земја членка – Бугарија и Македонија како земја претендент за членство.

И еве ЕУ се согласи, на барање и во преговори и дијалог со македонската власт даде предлог.

Секако дека луѓето во власта знаеле дека кога ЕУ решава проблем меѓу земја нејзина членка и земја која не е членка на ЕУ, механизмите во ЕУ се такви што не може да се очекува земјата членка да биде во понеповолна ситуација со тој предлог.

колку и да беше задоволство да се слуша во јуни и јули годинава “симфонијата” на аргументи и критики упатени кон власта од страна на стотици мои поранешни критичари и мои политички противници и неистомисленици, а на темата на националните прашања и Бугарија, и сето тоа во светлина на скоро усвоени документи и одлуки; колку и нивните изјави и натписи да личеа како јас да сум им ги напишал; колку и да стана јасно дека сите тие стотици аналитичари, новинари, преставници на НВО, шарени, реформатори, професори, глумци, владици, поранешни македонски амбасадори, историчари, бизнисмени, лекари, режисери и разни други тазе национално разбудени “стручњаци” се чини дека конечно разбраа од што тоа ние до мај 2017 сме се бранеле и со што сме се справувале кога некоректно и нечесно не обвинуваа дека свесно го кочиме патот на Македонија кон ЕУ, сепак овој месец и претходниот беше многу тажно да се гледа борбата, напорите, отпорот, противењето, но и немоќта на измамениот македонски народ кон намерите и одлуките на една власт која го има загубено или се има откажано од суверенитетот на земјата и не одлучува самостојно дури и за најважните национални прашања, пишува Груевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.