Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците,  Артан Груби, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во
Република Македонија, Мартин Памер, информираат од кабинетот на Груби.

Разговарајќи за пријателските билатерални односи и посакувајќи му добредојде во земјата и успех во извршувањето на должноста, Груби и Памер изразија уверување дека пријателските односи меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат и во иднина.

Груби изрази благодарност за поддршката што нашата земја ја добива од Австрија во реформските процеси поврзани со евроинтеграциите и за динамиката со која се развива соработката меѓу двете земји на повеќе полиња.

Двајцата соговорници разговараа и за процесот на уставни измени и потребата од градење на општествен консензус за евроинтеграции.

Груби ја подвлече потребата од поддршка на опозицијата за процесот на технички измени на Уставот и општата усогласеност на патот кон Брисел, нагласувајќи дека ЕУ и САД не се непријатели на нашата земја, туку напротив, сите достигнувања на земјата се во партнерство и со поддршка на САД и ЕУ.

Груби и Памер разговараа и за меѓуетничките односи и спроведувањето на Охридскиот договор како предуслов за општествена кохезија и еднаквост меѓу заедниците во нашата земја, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.