Проблемот може да се реши за шест дена, а седмиот ќе одмараме.

Ова беше брзиот рецепт на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, со кој не така одамна не убедуваше дека толку брзо може да се решат недоразбирањата со Бугарија за конечно отпочнување на преговорите на Македонија за членство во Европската унија. За луѓето, кои ги знаат работите околу спорот стар повеќе од едно столетие, ова беше чиста илузија, што само го отсликув аше елементарното непознавање на работите на Груби.

Сега, само месец-два подоцна од таа повеќе комична, отколку несреќна изјава, Груби врти нова страница. Од соопштението, што по вчерашната средба со амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Мери Брнс, го издаде неговиот кабинет, може да се види дека првиот вицепремиер и министер барал помош токму за надминување на спорот со Бугарија.

-Тие разменија мислења и за отворениот спор со Република Бугарија. Во оваа прилика Груби ја истакна потребата на уште поголема американска и европска помош кога се работи за спорот меѓу Скопје и Софија, како и потребата Владата да го задржи реформскиот курс, стоеше меѓу другото во соопштението.

Е, како одеднаш Груби бара помош од нашиот стратешки партнер и од ЕУ? И за што? Да извршат само притисок врз Софија или они да ги решат главните историски и идентитетски прашања, што се наметнаа со потписот на Зоран Заев на целосно асиметричниот Договор за добрососедство, пријателство и соработка? Та нели работата беше толку едноставна, анализира „Пресинг ТВ“.

Додека чекаме одговори на прашањата, во меѓувреме ќе се забавуваме со други глупости на Груби, што ја отсликуваат неговата антилогика, но пред се ниското политичко ниво на комуникација со албанскиот дел од електоратот.

На 3 март годинава, Груби за ТВ Клан истресе уште една „зелена“, што некако остана без соодветни реакции во јавноста. Говорејќи за кризата во Украина и војната, што се одвива таму, изјави дека обидот на обединетата албанско-македонска опозиција да ја урне Владата, заедно со Левица, било сценарио подготвено од Русија. Како што утредента пренесе Индекс.мк, Груби меѓу другото, рекол:

-Тоа беше сцена кога 61-годишник се појави, за да ја урне власта, но денеска се зборува дека тоа било руско сценарио.

Вакво поигрување со интелигенцијата и на Македонците и на Албанците одамна немало на овие наши простори. Се разбира, со исклучок на онаа забелешка на министерот за надворешни работи Бујар Османи, поврзана со младоста, полот и етничката припадност на несудената конзулка во Њу Џерси, Бесмира Ејупи.

Ако се врати филмот наназад, од изјавата на претседателот Стево Пендаровски може да се заклучи дека власта ги имала информациите за војната во Украина уште на 5 ноември. Значи, уште пред обидот за формирање ново парламентарно мнозинство.

Но, според антилогиката на Артан Груби, тогаш и оставката на партиската и на премиерската позиција на Зоран Заев била дел од таквото руско сценарио! А, таа, за потсетување, беше резултат на катастрофалниот пораз на локалните избори, што со други зборови значи и дека народот, кој излегол на избори и се изјаснил како што се изјаснил, без оглед на неговата партиска, етничка или било каква друга припадност, бил дел од тоа исто руско сценарио! Ама за тоа никој, па ни првиот вицепремиер не зборува! И не може да зборува, зашто е плиток во објаснувањата, со што ги навредува најмногу самите Албанци, се наведува во анализата на „Пресинг ТВ“.

Извор: Pressing TV



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.