ДУИ е за предвремени парламентарни избори во април 2024, заедно со претседателските, рече првиот вицепремиер Артан Груби на форумот организиран за првите 100 дена од владата на Ковачевски.

„ДУИ како учесник во оваа коалиција смета дека предвремените парламентарни избори може да се одржат во април 2024 заедно со претседателските. ДУИ како дел од оваа коалиција силно го поддржува парламентарното мнозинство, владината коалиција и тука сме за реализирање на овие проекти. На граѓаните не им треба непредвидливост, не им треба авантура со избори бидејќи тие им се потребни само на некои дестабилизарачки агенди на регионот, кои ги прави некој друг“, вели Артан Груби.

Оваа изјава на Груби следи ден по барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори. На прашањето за противењето на СДСМ и ДУИ во врска со изборите, Мицкоски денеска од Штип побара малку трпени и го најави следниот чекор за постигнување на тоа.

Што се однесува до барањето на Мицкоски за лидерска средба, на кое премиерот Димитар Ковачевски му одговори дека “не прифаќа уцени“, опозицискиот лидер изрази жалење што СДСМ и Владата немаат мудрост и државотворни капацитети.

И лидерот на опозициската АА, Зијадин Села пред неколку дена побара предвремени избори велејќи дека кога има криза и неспособна влада за да ја менаџира таа криза, тоа што треба да го стори извршната власт е да си замине и да се формира ново мнозинство кое ќе ја одведе земјава на нови парламентарни избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.