Како дел од официјалната посета на македонската владина делегација во Софија и продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји, првиот потпретседател на Владата и министер за политички системи и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска присуствуваше на средбата на Работната група од областа на образование, култура, наука и млади.
Придружуван од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, Груби по средбата го изрази својот оптимизам за позитивната атмосфера и постигнувањето на многу заеднички проекти меѓу двете земји.
Многу позитивна атмосфера и многу топло гостопримство од нашите бугарски колеги и штотуку ја завршивме првата седница на Комисијата за култура, образование и наука, млади и спорт и туризам и јас сум оптимист за постигнувањето на многу заеднички проекти кои ќе ги реализираме во следните месеците, истакна тој.
Како што соопшти прес-службата на Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците, на средбата биле истакнати заедничките приоритети на кои двете држави ќе работат во наредниот период, а тоа се објавување на огласот за лого и слоган на заедничките владини седници, составување на заеднички културен календар, унапредување на соработката меѓу универзитетите од двете земји за поатрактивни студиски програми, размена на искуства и можност за практична настава, организирање заеднички научни конференции, како и организирање фудбалски натпревар меѓу владините кабинети.
Во соопштението се додава дека ќе се интензивира соработката помеѓу Агенцијата за млади и спорт и бугарското Министерство за млади и спорт. Исто така, ќе се реализира заемно промовирање на атрактивните туристички дестинации и продлабочување на соработката во областа на туризмот како силна предиспозиција на економскиот развој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.