Демократската унија за интеграција вечерва одржува митинг во спортската сала „Шабан Трстена“.
На митингот присуствуваат лидерот на партијата Али Ахмети, претседателот на Собранието Талат Џафери и владини министри од редовите на ДУИ.
Вицепремиерот Артан Груби пред почетокот на митингот изјави дека очекува масовно присуство. Кажа дека митингот е продолжение на собирите што ги имаше ДУИ Тетово, Гостивар, Желино, Врапчиште и други општини, и најави дека ќе продлжат и по другите ограноци на партијата низ државата. Груби демантира дека луѓето на митингот се дојдени под притисок. Вели дека собирот се одржува во убава атмосфера, спектакуларно и ќе бидат испратени убави пораки.
– Чаир е на на Али Ахмети и на ДУИ, кажа Груби, негирајќи дека станува збор за реваншизам кон Изет Меџити од „огнената група“. Додаде дека Меџити бил поканет, но, како што наведе, „на крајот на краиштата никој не се кани во својот дом“.
Изет Меџити претходно изјави дека тој како претседател на чаирскиот огранок на партијата не е поканет на вечерашниот митинг.
Вицепремиерот Артан Груби на собирот во Чаир рече дека е потребно помирување и обединување, а не поделба. Порача дека неговата рака останува подадена, бидејќи, како што посочи „нема ни огорчување, ни лутина“.
Овде сме вечерва затоа што ни треба помирување и обединување, а не поделба. Раката ми останува подадена, затоа што немам огорченост или лутина, научени сме да бидеме заедно затоа што така ни налага времето и овој е вистинскиот момент. Сите заедно ги трасираме патиштата на ДУИ за интересите на нацијата, а не на поединецот, затоа што ДУИ е на сите, а не на неколкумина. Само слабите се плашат од конкуренција. Ништо не започнало и нема да заврши ниту со мене, ниту со некој друг, рече Груби на митингот во Чаир.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.