Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби синоќа му честита на својот партиски колега и шеф на македонската дипломатија, Бујар Османи за новата партиска функција-координатор на чаирскиот огранок на ДУИ.

Во својата објава, Груби на Османи му посака успех и добро координирање на активностите на партијата во огранокот во Чаир.

-На Бујар му посакувам добра работа во координирање на активностите на Демократската унија за интеграција во Чаир. Покрај таа на претседателот, Бујар ја има и мојата поддршка во овие напори за повторно активирање на структурата во Чаир по три години отсуство на партиски активности во нашиот огранок и во локалните совети во огранокот. Ве повикувам сите да се придружите со сите ваши идеи и акции за посилна и пообединета ДУИ во Чаир, напиша Груби на Фејсбук.

Според информациите, одлуката за смена во чаирскиот огранок и смената на Изет Меџити дошла по предлог на лидерот Али Ахмети со цел „во оваа фаза да се координираат политичките процеси во Чаир“.

Веќе подолг период „Огнената група“, предводена токму од Меџити и Муса Џафери се спротиставуваат на лидерот на ДУИ, барајќи од него да ги тргне Артан Груби и Бујар Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.